Како да се мотивираат младите да работат како лекари во помалите места?

Lorita
By Lorita 10 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

За младите во Македонија не е привлечна професијата матичен лекар. По завршувањето на Медицинскиот факултет, повеќето веднаш бараат специјализација, со надеж дека ќе работат во специјализираните болници и клиники во градовите. Руралните средини и помалите градови во последниве години се соочуваат со недостиг на кадар во примарната здравствена заштита.

Постоечките матични ординации се затвораат поради пензионирање на лекарите, а нови ординации не се отвораат. Тие што продолжуваат да работат стануваат преоптоварени со пациенти. Оваа ситуација создава сериозни проблеми и за пациентите и за лекарите, но и за државата. Пациентите треба да патуваат далеку за обичен преглед, лекарите се оптоварени, а државата нема начин како да најде соодветен кадар за да ги задоволи потребите на сите граѓани.

Неопходна е стратегија за тоа каков кадар е потребен 

Претседателката на Здружението на приватни лекари Лилија Чолакова Дервишова вели дека главниот проблем е во недоволната мотивација на младите лекари да се вклучат како матични лекари, особено во руралните средини.

– Од 1.800 матични лекари, денес бројката се намали на 1.436. Мора итно да се преземат мерки за да се спречи понатамошниот пад и да се обезбеди иднина за примарното здравство. Секој млад лекар сака специјализација, а речиси никој не сака да работи во руралните средини. Голем број прекрасни ординации во овие места денес се оставени на забот на времето и пропаѓаат – вели таа.

Здружението предлага секој млад лекар да работи три години во руралните средини под државна капа, по што би добил право да избере специјализација.

– Мора да има национална стратегија која ќе планира кој оди во пензија, каде се потребни специјалисти и слично. Не може сите да одат во Скопје, а другите делови од земјата да остануваат без здравствени услуги. Секоја година се лиценцираат по 300 до 400 млади лекари, но најголем дел од нив учат германски со цел да заминат во странство. Во моментов миграцијата е малку стопирана откако се зголемија платите на специјалистите и надоместокот за дежурства – вели Чолакова Дервишова.

Таа го поздрави најавеното вработување на 300 специјализанти од министерот за здравство, Арбен Таравари. Но, додава дека е потребно планирање со помош на ГИС-програми за рамномерна распределба на кадарот.

– ФЗОМ плаќа за да има здравствени услуги насекаде, но тоа бара стратегиски пристап – потенцира претседателката на Здружението.

Чолакова Дервишова нагласи дека примарното здравство има капацитет да преземе дел од обврските на секундарното и терцијарното здравство.

- Advertisement -
Ad image

– Континуирано бараме режимот за лекови да се олесни за да избегнеме непотребни упати кај специјалисти. Секој лекар по завршување на Медицинскиот факултет има право да препише лекови, но правилниците на ФЗОМ се многу застарени и мора да се менуваат – истакна таа.

Дополнителен проблем е недостигот од медицински сестри, кој го чувствуваат и градските и руралните средини.

– Во осум амбуланти не можеше да се најдат медицински сестри, што ќе доведеше до нивно затворање. Благодарение на нашите апели, ФЗОМ дозволи тие ординации да продолжат да работат 24 месеци без медицинска сестра – нагласи Чолакова Дервишова.

- Advertisement -
Ad image

Таа укажа дека е неопходно да се подобри финансиската состојба во примарното здравство за да стане конкурентно на пазарот на трудот.

– Овие мали ординации се вистинско богатство за населението во руралните места и нивното функционирање мора да се заштити. Сега е моментот да направиме промени што ќе гарантираат подобро здравје за сите – порача таа.

Лекарската комора побарала поедноставна администрација за матичните  

Матичните лекари, како главни даватели на здравствени услуги во примарната здравствена заштита, се носители на првиот и основен столб на здравствениот систем. Тие играат клучна улога во обезбедувањето стабилност и ефикасност на системот, што подразбира стратешко и развојно позиционирање за да одговорат на современите потреби на пациентите, велат од Лекарската комора на Македонија.

– Матичните лекари се првата линија на контакт со пациентите. Нивната улога е да спречат непотребно прелевање на пациентите кон другите нивоа на здравствениот систем и да обезбедат ефикасна здравствена заштита. Затоа, нивните потреби и барања секогаш се на врвот на агендата на Комората – истакнуваат од Лекарската комора.

На иницијатива на Лекарската комора беа донесени измени на Законот за здравствена заштита, кои значително ја олеснуваат процедурата за продолжување на концесиите за работа на матичните лекари. Претходно, лекарите се соочуваа со административни пречки, особено при пензионирање, кога ординацијата мораше да се затвори.

– Сега, другиот доктор кој најмалку една година работи во здравствената установа, може да продолжи да работи како концесионер без да ја поминува целата постапка од почеток. Ова решение гарантира континуитет во здравствената заштита и го намалува административниот товар – објаснуваат од Комората.

На средба со министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, од Лекарската комора побарале целокупната медицинска документација да се води електронски.

– Матичните лекари треба да водат само електронски картон. Употребата на хартиени картони, како и печатењето упати, специјалистички мислења и други документи од системот Мој термин, треба да биде укината – потенцираат од Комората.

Во октомври минатата година, на средба со директорите на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, Лекарската комора ги изнела приоритетните реформи за примарната здравствена заштита.

– Една од клучните промени што ги бараме е укинување на дестимулативната скала која предвидува намалување на капитацијата со зголемување на бројот на пациенти. Во сегашните услови, кога недостасува здравствен кадар, оваа мерка е контрапродуктивна – изјавуваат од Комората.

Исто така, тие нагласиле дека е неопходно прилагодување на превентивните програми за да одговараат на современите трендови на болести, како и воспоставување систем за одржливост на руралните амбуланти.

– Потребен е модел што ќе гарантира усогласување на капитацискиот бод со трошоците за живот, инфлацијата и минималната плата. Ова е единствениот начин да се обезбеди достоинствен приход за матичните лекари и да се привлечат млади лекари во овој сегмент – додаваат од Комората.

Од Лекарската комора истакнуваат дека професионалниот развој на младите лекари е од суштинско значење.

– Неопходно е да се создадат услови за стручно усовршување на младите лекари, бидејќи тоа е клучно за обезбедување квалитетна здравствена заштита во иднина – завршуваат од Комората.

Фондот прави напори за привлекување нови кадри

Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) велат дека распределбата на ординациите по градови и населени места е уредена преку Мрежата на здравствени установи, која ја формира Министерството за здравство. ФЗО склучува договори со матичните лекари само по добиено одобрение од Министерството, кое го проверува исполнувањето на критериумите за простор, опрема и кадар.

Фондот сподели податоци за пензионираните лекари и новите договори во последните три години. Во периодот од 2022 до 2024 година, бројките покажуваат зголемување на склучените договори со нови лекари наспроти бројот на пензионирања:

 

Во Фондот нагласуваат дека овие бројки се доказ за континуираните напори да се обезбеди адекватна примарна здравствена заштита, особено во руралните и недостапните подрачја.

– Со зголемување на бројот на договори со нови лекари, успеваме да го намалиме притисокот врз здравствениот систем. Ова е приоритет за нас како институција – велат од Фондот.

ФЗО планира да воведе реформи во примарната здравствена заштита, со кои матичните лекари ќе добијат можност да издаваат упати за специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита само за оние услуги кои се неопходни за пациентите.

– Со тоа би се зголемила достапноста на услугите на примарно ниво и би се намалил товарот врз секундарното и терцијарното здравство – посочуваат од Фондот.

За да се привлечат повеќе лекари во примарното здравство, ФЗО веќе имплементира низа активности. Според Фондот, преземени се мерки за стимулација на млади лекари – финансиски поволности за оние кои почнуваат работа во рурални и недостапни подрачја; замена за подолготрајно отсуство – обезбедување континуитет на услугите дури и во отсуство на матичниот лекар; зголемување на капитациониот бод – повеќе пари за ординациите во руралните средини; преговори со здруженијата на приватни лекари за да се подобрат условите за работа; дигитализација на системот, со што ќе се воведе е-рецепт и ќе се намали административниот товар за лекарите.

Во рамки на реформите, ФЗО веќе ги прави првите чекори за воведување електронски рецепти. Оваа иницијатива има за цел да ја олесни работата на матичните лекари и да им овозможи повеќе време да посветат на пациентите.

Share This Article