Колегата и поранешен пријател на обвинетиот Стојанче Јовановски, Мартин Саздов, денеска сведочеше за нивниот однос и за врската со покојната Ивана Јовановска.
Обвинителката Адела Бојчевиќ го праша како се чувствува денес, по настанот на 2.3.2026?
– Како животот да ми застана на тој датум, немам мотив за животот – рече Саздов.
Тој раскажа дека со Стојанче се запознале во 2021 на работа во Пожарна. Се дружеле 2 години. И со Стојанче и со сега покојната Ивана. Излегувале заедно со Стојанче, со Ивана и со Катја, а по некое време и со девојката на Мартин.
– Престанавме да се дружиме кога дознав дека Стојанче се гледал со девојката со која јас се гледав. Кога дознав за тоа, се тргнав од него. До критичниот ден бевме колеги на работа. Не работиме на исто место, тој е во пожарната во Ѓорче, а јас во Автокоманда – рече тој.
Мартин рече дека додека се дружеле, ја гледал Ивана како сестра, како најдобра другарка.
– Со Стојанче не зборевме, не се гледавме. Во август 2025 кога ми се јави Ивана во 1 ноќе со плачење, ми рече: „Извини што те барам олку доцна, немам кому да се јавам, можеш ли да дојдеш да нѐ земеш, ние сме пред Штип. Стојанче нѐ тепаше и нѐ исрфли од кола.“ Јас бев дома, спиев, станав, се облеков и отидов да ги земам. Ивана беше на 5 километри од Штип. Прво не можев да ги најдам, ѝ се јавив, прашав каде се. Ми рече дека се кријат позади некоја банкина со Катја. Ми рече дека се од страната кон Скопје. Ѝ реков да излезе, за да видам каде се точно. Свртев за назад, кон Скопје и ги видов од десната страна покрај банкината. Ивана беше целата раскубана, модра, плачеше, плачеше и Катја. Ги зедов и отидовме кон Скопје. Прашав каде да ги однесам. Рече „Не знам, страв ми е дома, да не нѐ тепа пак“. Ја прашав дали да ја однесам кај мајка ѝ, рече „Не, не сакам да ме види во ваква состојба.“ Реков, ќе те однесам дома кај мене, сестра ми е дома, јас ќе излезам да не ви е незгодно. Ѝ реков дека ќе одам директно на работа, и онака бев прва смена, за да си седат на раат. Ивана ми рече, „те молам, не излегувај, не нѐ оставај, страв ми е“. Ме праша „може ли да те гушнам,“ реков „може“. Потоа си легнаа со Катја, заспаа и јас утрината отидов на работа. Сестра ми утрото ги однела дома кај нив, затоа што Стојанче отишол на работа – сведочеше Мартин.
Тој продолжи да раскажува за тоа што се случило.
– Ивана плачеше многу, се гушкаа со Катја, двете седеа позади. Пробав да ја смирам, прашав што се случило. Рече „Гледав на навигацијата, го утнав патот и Стојанче почна да ме тепа.“ Катја ми кажа дека ѝ ја удирал главата на Ивана од наслонувачот за раката кој е меѓу двете седишта, Катја покажуваше на наслонувачот. Забележав модрици на главата и на рацете на Ивана. Целата беше искубана и исплашена. Ивана ми рече дека ги исфрлил од колата како партали. Ивана ми кажа дека надвор од возилото ја шутирал со клоци. Ѝ реков да не зборуваме повеќе на таа тема, да се смират, па потоа ќе продолжиме – додаде Мартин.
– Дали Ивана и друг пат ви васкажувала за проблеми со Стојанче – праша обвинителката.
– Да. Додека се дружевме и пред мене ја има тепано. Му зборував да не ја тепа, ама бев со врзани раце и ништо не можев да направам – рече тој.
Мартин сведочеше дека Ивана му кажувала како се однесувал Стојанче кон неа.
– После настанот во Штип се зближивме многу, ми кажуваше дека ја тепал, многу ја малтретирал, дека сака да се разведе, дека не ѝ посветувал внимание на Катја, дека ја тепал пред Катја. Ивана многу се плашеше од Стојанче. Ми велеше, „Не го знаеш каков е, психопат е, ќе ме убие. Не можам да издржам веќе, не знам што да правам.“ Ѝ реков „Не се секирај, тука сме сите, тука се твоите, сите ќе ти помогнеме.“ Но, таа беше многу исплашена и не можев да ѝ помогнам. Беше затворена во себе, не зборуваше многу ни со нејзините. Се обидов на многу начини да ѝ помогнам ама не можев. Ивана после настанот во Штип, поднесе тужба за развод, отиде да живее кај мајка ѝ. Почнавме да излегуваме секој ден, ја шетавме Катја. Ја носевме Катја во игротека, во зоолошка, на лулашки, во Џамбо. Се обидував да им биде убаво, да не бидат под стрес и исплашени. Ивана секој ден ми зборуваше, „не знаеш каков психопат е, ќе нѐ убие двајцата.“ Ѝ реков не се секирај, има институции, ќе решат. Во тој период се зближивме многу, ја засакав. Ми рече „Мартин, како што ми е со тебе сега, со никого не ми било вака. Со тебе се чувствувам многу сигурно и смирено.“
– Дали тоа значи дека почнавте љубовна врска? – праша обвинителката.
– Да – потврди Мартин.
Тој раскажа дека Стојанче еден ден ги следел и дека следела расправија.
– Се шетавме еднаш по кеј, кај Керамидница. Стојанче нѐ следел и излезе пред нас. Ѝ реков на Ивана „тргни се, јас ќе зборувам со него.“ Стојанче сакаше да се тепа со мене. Му реков „смири се, да зборуваме.“ Му реков „и ти си излегувал со мои девојки додека се дружевме заедно.“ Потоа отидовме во Автокоманда. Ми праша „од каде ти е таа информација дека јас се гледам со твои девојки.“ Му реков дека ми кажал еден наш другар. Стојанче му рекол нему, а тој ми кажа мене. Отидовме да се видиме со тој наш заеднички другар. Се расправавме, се каравме, се завлековме. Се качив во кола да си одам, тој се залета кон моето возоло и удри директно во моето возило, бочно, во двете врати. Дојде полиција. Јас не сакав да го пријавам. Му реков дека нема да го пријавам. После се јавија дека мајка ми е во болница на Кардиологија и јас брзо отидов таму. Вечерта пак се видов со Стојанче, отидов кај него дома за да разговараме. Таму беше и нашиот заеднички другар Тони. Им реков отворете врата, да се симнеме пред зграда, не сакам ништо да направам, само да разговараме. Отворија, се симнаа пред зграда, му реков „Јас ја засакав Ивана“. Отидовме кај мајката на Ивана, ѝ се јавивме на Ивана да се симне, седнавме на една клупа сите тројца, во близина на зградата кај Универзална за да разговараме. Стојанче ја навредуваше. Ивана рече дека ако така ја навредува, не сака да разговара. Му реков на Стојанче да не ја навредува, ја замолив Ивана да остане за да го решиме проблемот. Стојанче велеше дека сака да се спас од Ивана и дека не ја сака ни Катја. Рече дека сака да се разведе. Ми рече вие двајца правете што сакате. Потоа си заминавме дома, а Ивана кај мајка ѝ – раскажа Мартин.
– Дали Стојанче ти се заканувал или те пријавил во полиција?
– Додека се гледавме со Ивана, Стојанче нѐ следел цело време и ме пријавил во полициската станица во Ѓорче Петров дека сум му се заканувал на социјалните мрежи. Јас и Ивана отидовме во станицата, прашав зошто сум повикан, рекоа дека Стојанче ме пријавил за закани. Дека ќе сум го убиел. Му реков на полицаецот дека тоа не е точно. Го извадив телефонот, му го дадов, реков „ве молам, сакам да се вештачи и мојот и телефонот на Стојанче.“ Полицаецот рече дека тоа не може да се направи, дека ова сега ќе биде само опомена. Потоа другарите на Стојанче почнаа да ме заследуваат на Инстаграм – рече Мартин.
– Дали во тој период забележате дека Стојанче се гледа со друга жена?
– Да, се гледаше. Ивана ги има сликано од клупа како седат на терасата од нивниот стан. Тоа е станот на Теодосиј Гологанов каде претходно живееја Стојанче и Ивана. Кога ги сликала, Ивана се качила пред вратата, се обидела да влезе, но бравата била сменета. Ми се јави и ми кажа. Ѝ реков да не оди таму, да си оди кај мајка ѝ и да оди да пријави дека не може да си влезе во станот. Не дознав која е таа жена. Ивана ми рече дека имала машко дете. Ја земал Катја и ја носел заедно со другото дете во зоолошка. Само тоа го знам за таа жена – рече Мартин.
Тој додаде дека Ивана му кажувала дека цело време комуницирал и се гледал со други жени.
– До кога беше Ивана кај мајка ѝ?
– Не знам точно, од настанот во Штип беше таму. Во тој период почина татко ѝ. Јас бев цело време до неа, одевме заедно во болница. После тоа Ивана многу падна психички. Ми рече „Мартин, уште ова ми фалеше во животот“. Се затвори во себе. Се обидував да ѝ помогнам, да не мисли, ја викав да излегуваме заедно. Но, по смртта на татко ѝ, не знам како и не знам зошто, ама претпоставувам дека била под закани и уцени, се врати да живее во станот со Стојанче. Ми велеше дека само станот ѝ останал како нешто нејзино, затоа што нејзините родотели ја искучија од оставинската на татко ѝ поради ситуацијата со Стојанче. Рече дека само сакала да си го врати делот од станот. Дека без тоа ќе остане на улица. Ѝ реков нема да остане на улица, дека ќе ѝ помогнам колку можам, ќе пријави, ќе си го врати дарот од станот. Ако треба ќе ѝ дадам пари за да оди под кирија. Рече дека не сака пари од мене. Ми рече дека сака да се врати во станот затоа што Катја си ја бара својата соба. Во тој период одлучивме да престанеме да се гледаме со Ивана и да престанеме да зборуваме – рече Мартин.
Тој раскажа дека Ивана зборувала со двајца адвокати за да си го врати дарот и пак да поднесе тужба за развод, бидејќи првата тужба за развод била повлечена по уцени и закани.
– Ми рече дека секогаш сама се трудела финансиски за станот, и со уредување, дека плаќала сметки и ратата за кредитот и дека не може да го остави станот, оти тоа ѝ било сѐ за што се трудела во животот. Јас повеќе немав што да направам тука, не можев да ја присилувам. Ѝ реков ако ти треба нешто тука сум во секое време. Ивана се врати кај Стојанче, престанавме да комуницираме. Мајка ѝ, тетка Буба, ми се јавуваше, ме прашуваше „сине, дали знаеш нешто за Ивана, таа се затвори многу“. Ми рече дека ја гледа со модринки по телото. Ѝ реков дека не знам ништо, дека таа се тргна од мене и се врати во станот. Ми пишуваше на Вибер цело време тетка Буба, се секираше. После некое време ми пиша тетка Буба, „сине, ја слушнав Ивана како разговара со некој со плачење, дека земала пари од некого и треба да ги врати парите.“ Ѝ реков дека не знам ништо за тоа, дека ќе разговарам со Ивана и дека ќе ѝ помогнам да ги врати парите. После некое време, пред Нова година, декември 2025, ми се јави Ивана, ми рече „Мартин, Стојанче нѐ обвинува дека сме го наместиле со дрога. Ѝ реков да не се секира, има институции, ќе си го решат случајот. Во тој период пак почнавме да комуницираме по телефон. Ја прашав каде должи пари, почна да плаче, рече дека Стојанче ја натерал да извадат од нејзината кредитна картичка околу 40.000 денари. Сакав да ѝ помогнам, ама не сакаше. Ми рече „не сакам да земам пари од тебе, ќе си платам, ќе се снајдам“ – раскажа Мартин.
Тој рече дека Стојанче финансиски не придонесувал како партнер на Ивана и татко на Катја.
– Ивана ми кажуваше дека сама плаќала сметки и кредит. Дека кога Катја тргнала на училиште самата купувала сѐ. Мене ми беше многу жал, отидов ѝ купив тетратки на Катја и сѐ што е потребни за прво одделение. Катја беше многу среќна – рече Мартин.
– Дали знаете дали Стојанче конзумира дрога? – праша обвинителката.
– Да. И пред мене земал дрога. Откако го знам. И додека работевме заедно. Неколку дена пред 2 март ми кажа сѐ што се случувало во тој период меѓу нив во времето кога Стојанче мислеше дека сме го наместиле со дрога. Секоја вечер кога ќе дошол дома, издрогиран, ја тепал пред Катја, ѝ и се заканувал. Неколку дена пред 2 март се видовме, целата беше во модрици. Ѝ велев да си оди кај мајка ѝ, таа ми велеше дека само сака да си го врати дарот од станот, дека се плаши да не остане без Катја, дека не може да живее без неа.
– Дали ти почувствува страв дека нешто може да ѝ се случи на Ивана? – праша обвинителката.
– Да. Се плашев многу за Ивана. Не знаев како да ѝ помогнам. Беше многу падната психички. Ѝ велев да одиме на психијатар, на психолог. Таа сакаше да оди, ама беше многу исплашена. Ја терав, отиде во Социјално. Отиде и во психолошко советувалиште. Ѝ дадоа антидепресиви. Катја зборувала во училиште како татко ѝ ја тепа мајка ѝ, па од училиштето ја пратиле Ивана да оди на разговор, не се сеќавам каде.
– Дали Ивана ви кажа дека Стојанче ја уценувал? – праша обвинителката.
– Да. Ѝ се заканувал со видеа, дека ќе ги објави јавно. Видеа помеѓу мене и неа и помеѓу Стојанче и неа. Видеата беа со експлицитна содржина. Ѝ рекол дека јавно ќе го објави видеата, дека ќе ја посрамоти, за тоа ѝ беше најмногу страв. Велеше каква слика ќе биде тоа за мене како родител на Катја. Ѝ велев да не се грижи – додаде Мартин.
По ова судијата даде пауза. Сведочењето на Мартин Саздов ќе продолжи за она што се случувало на критичниот ден 2 март 2026 година.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
