Јавниот долг во првиот квартал од 2025 година е намален за 36 милиони евра во споредба со крајот на 2024 година, достигнувајќи најниско ниво во последните пет години. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на собраниска седница, одговарајќи на пратеничко прашање.
– Податоците покажуваат дека јавниот долг е намален за 36 милиони евра или 4,7 процентни поени како удел од БДП, во однос на 31 декември 2024 година, кога изнесуваше 62,4%. Тоа е доказ дека домаќински се менаџира со јавните финансии – изјави министерката.
Таа потсети и дека во овој квартал Владата вратиле 500 милиони евра по основ на еврообврзница издадена од претходната влада, нарекувајќи го тоа „силен сигнал дека цврсто се чекори кон ветената фискална консолидација“.
Реален раст од 3,7% – поддржан со позитивни индикатори
Министерката потврди дека Владата останува на проекцијата за раст на БДП од 3,7% за 2025 година, наведувајќи повеќе економски показатели како поткрепа:
– БДП во четвртиот квартал од 2024 година бележи раст од 3,2%;
– Бруто инвестициите во истиот квартал пораснале за 22,1%;
– Во 2024 година се забележани рекордни странски директни инвестиции од 1,255 милијарди евра;
– Расте индустриското производство, се намалува невработеноста, а бројот на вработени – особено во приватниот сектор – се зголемува.
– Имајќи ги предвид овие индикатори, очекувањата се дека во наредниот период ќе имаме уште подобри резултати и дека проектираниот раст е реален и остварлив – додаде таа.
Платите и пензиите растат – капиталните инвестиции се зголемуваат
Во своето излагање, министерката потсети и на веќе реализираното зголемување на пензиите за 338.000 пензионери, покачување на платите на 87.000 вработени во администрацијата, како и на 23.000 во полицијата, образованието и здравството.
Во однос на капиталните инвестиции, Димитриеска-Кочоска истакна дека до 30 април се реализирани 9,5 милијарди денари, што според новата методологија претставува 60% раст во однос на истиот период лани.
– Она што е исплатено е врз основа на реализација на терен. Од оваа година, исплатите по основ на гаранции и трансфери се издвоени од капиталните расходи – појасни министерката.
Очекувањата се дека реализацијата на капиталните инвестиции ќе се забрза во наредниот период, особено проектите преку општините за кои досега се исплатени 450 милиони денари.
– Имплементацијата на проектите на терен се одвива одлично. До вториот повик се доставени 887 проекти од сите 80 општини, со вкупна вредност од 15 милијарди денари, онолку колку што е предвидено во буџетот за 2025 година – рече министерката.