По успешната премиера на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, која предизвика одличен прием кај публиката и бурни аплаузи, Националната опера и балет ја најавува следната изведба на ова ремек-дело, што ќе се одржи на 28 октомври 2025 година со почеток во 20.00 часот на големата сцена на МОБ.
Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Верица Ламбевска, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа настапуваат: Васко Здравков, Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска, Кристијан Антовски, Невен Силјановски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.



























