Израелците масовно почнале да купуваат храна и вода, а полиците во супермаркетите бргу се празнат пред очекуваниот ирански одговор.
Населението во поголемиот дел од земјата се разбудило околу 3 часот наутро кога се огласиле сирени и кога бил испратен телефонски аларм со предупредување за „значајна закана“, а граѓаните добиле инструкции да останат блиску до засолништата.
Службите за итни случаи низ Израел складираат крв, додека, пак, некои болници почнале да ги отпуштаат пациентите, доволно стабилни на домашна нега, за да се ослободат капацитети.
На окупираниот Западен Брег, во сите палестински градови е прогласен карантин до понатамошно известување. Сите мерки се спроведуваат во очекување на одмазда, а израелската армија предупредува дека повеќе од 100 ирански беспилотни летала веќе се на пат кон Израел.
Синоќа Израел изврши обемен воздушен напад врз неколку цели во Иран. Според израелски воени извори, погодени се објекти, поврзани со иранската нуклеарна програма и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување ураниум во Натанц. МААЕ потврди дека Натанц е меѓу нападнатите локации и е во контакт со иранските власти за следење на нивоата на зрачење.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, рече дека целта на операцијата е да се „неутрализира егзистенцијална закана“, истакнувајќи дека Иран со години развива нуклеарни капацитети и отворено се заканува дека ќе го уништи Израел.
Иран го затвори својот воздушен простор, а израелската војска го подигна нивото на тревога за можен одговор, вклучително и за лансирање беспилотни летала и ракети од Иран и од територии контролирани од проирански групи.