Државната изборна комисија денеска ги одби сите 57 приговори поднесени за првиот круг од локалните избори. Триесет и седум од нив се однесуваат на постапката за утврдување и сумирање резултати од гласањето, а 20 приговори беа за самата постапка за гласање.
– Завршивме со разгледувањето на поднесените приговори. Со тоа констатирам дека и за точката број 7 за постапувањето по приговорите за сумирање и утврдување на резултати ДИК постапи во законскиот рок и на јавна седница ги образложи сите приговори. Вкупно беа 37 приговори за резултатите од гласањето и претходно по претходната точка 6, 20 приговори за постапката за гласање. Вкупно 57 приговори, во некои од нив беа опфатени повеќе избирачки места. Сите приговори денеска се одбиени како неосновани, односно дел се повелечени, а дел се отфрлени како недозволени – изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко во рамки на 149. седница на Комисијата.
Кондарко појасни дека решенијата за одлуките на ДИК во однос на приговорите ќе бидат изготвени во законски предвидениот рок и по приемот подносителите имаат право на второстепена правна заштита, на тужба пред Управниот суд.
– Откако ќе одлучи Судот, ние за сите овие општини каде што имаше приговори на јавна седница во наредните неколку дена, зависно од постапувањето на Управниот суд, ќе излеземе со објавување на конечни резултати во оние општини за кои имаше приговори – рече Кондарко.
Од 44 општини за кои ДИК во понеделникот објави првични официјални резултати од гласањето за избор на градоналници, за 11 беа пристигнати приговори и таму резултатите сè уште не се конечни, а ќе бидат по одлуката на Управен суд. Тоа се: Арачиново, Богданци, Босилово, Бутел, Велес, Гази Баба, Кривогаштани, Прилеп, Ресен, Чаир и Чашка.
Како што информираше Кондарко во 33 општини нема поднесено приговори за гласањето за избор на градоначалници и за нив ДИК денеска објави конечни резулатати за завршено гласање во прв круг за избор на градоначалници.
– Резултатите и имињата на кандидатите нема да ги читам зошто тие веќе се прочитани во понеделникот кога објавивме првични официјални резулатати и тие се наоѓаат на официјалната веб-страна на ДИК. Само ќе ги прочитам имињата на општините во кои гласањето за градоначалник е завршено конечно, со конечни резултати во прв изборен круг. Тоа се општините: Берово, Битола, Василево, Вевчани, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Желино, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Крива Паланка, Липково, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Пласаница, Радовиш, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Теараце и Штип – рече Кондарко.
За конечноста за резулатите за избор на советници во општините, ДИК објави дека во 64 општини нема поднесено приговори за гласањето на 19 октомври за избор на советници во општините и во сите овие 64 општини гласањето во првиот круг е завршено и резултатите се конечни. Тоа се: Арачиново, Центар Жупа, Маврово Ростуше, Врапчиште, Град Скопје, Берово, Битола, Боговиње, Брвеница, Валандово, Василево, Вевчани, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Дебар, Дебрца, Делчево, Демир Капија, Демир Хисар, Дојран, Желино, Зелениково, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Конче, Кисела Вода, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Крушево, Липково, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пласница, Пехчево, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Радовиш, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струга, Струмица, Студеничани, Теарце, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево и Штип.
За листите на советници или за гласање на советници во општините имаше поднесено 17 приговори, за кои денеска одлучуваше ДИК. Тоа се советите во општините: Шуто Оризари, Босилово, Прилеп, Гази Баба, Чашка, Аеродром, Долнени, Ресен, Бутел, Гостивар, Кривогоштани, Богданци, Чаир, Велес, Виница, Карпош и Кичево.