Потпретседателот на Партијата за демократски напредок (ПДП) и пратеник Игор Црнадак денеска изјави дека Република Српска (РС) не смее да прифати мигранти од Јужна и Централна Америка во замена за укинување на американските санкции против претседателот на РС, Милорад Додик.
Црнадак на својот Фејсбук профил ја објави изјавата на Додик од интервју за „Њузмакс“, во кое претседателот на РС вели дека е „подготвен да направи одреден договор со Америка за мигрантите“.
– Со Америка можеме да направиме договор од тој тип, тоа не е нешто импозантно… Тоа нема врска со мигрантите од исламскиот свет, кои ја населиле Европската Унија, тие мигранти не ги сакаме – вели Додик во интервјуто.
Црнадак оцени дека за Додик мигрантите во Велика Британија и ЕУ се од исламските земји, додека оние од САД се од земјите на Јужна Америка, како Венецуела и Колумбија, што, според него, за претседателот на РС е прифатливо.
– Опасните мигранти, кои можат да ја загрозат безбедноста на граѓаните на Република Српска, не смеат да дојдат кај нас, без оглед од каде се, и тоа мора да се има предвид при гласањето за резолуцијата на Додик за мигрантите – нагласи Црнадак.
Според него, ниту РС, ниту Босна и Херцеговина имаат официјален предлог од Вашингтон или Лондон за прифаќање мигранти.
– Но, имаме нешто можеби уште поопасно. Милорад Додик ја нуди РС како место за сместување на опасни деликвентни мигранти од САД, што јасно се потврдува со неговата изјава. Ако Додик направил лапсус, јавно нека каже дека не мислел така и во резолуцијата нека додаде отфрлање на мигрантите од САД – заклучи Црнадак.
Додик до Народното собрание на РС достави предлог-декларација со која се „отфрла иницијативата на Владата на Обединетото Кралство, Европската Унија и нејзините земји-членки за воспоставување центри за мигранти на територијата на БиХ и се противи на какво било насилно населување на мигранти во РС“.
Британската амбасада во БиХ демантираше дека постои каква било иницијатива за преселување на мигранти од Велика Британија на територијата на БиХ.