Скопјани се дават во отпад поради нефункционалноста на претпријатието, започнуваме акција за спас на градот, објави претседателот на Заедницата на локални самоуправи (ЗЕЛС) и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Денес, на иницијатива на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, одржавме состанок со сите скопски градоначалници во рамки на ЗЕЛС, со една единствена цел – да најдеме решенија за нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена“. Скопје, за жал, веќе подолг период е претворено во една голема депонија. Иако неколку пати интервениравме во изминатите години, тоа беа само привремени, секундарни интервенции бидејќи општините немаат сопствена механизација, ниту пак ингеренции да ги празнат контејнерите“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Во изминативе неколку дена сите градоначалници од скопскиот регион, со поддршка од општествено одговорни компании, се обидуваме да го амортизираме хаосот што го зафати градот, додаде тој.
„Денеска разговараме не само за тоа како да делуваме во наредните неколку дена до крајот на изборите, туку како трајно да го решиме проблемот со хигиената во Скопје. Доколку има потреба, ќе побараме поддршка и од нашите колеги надвор од градот Скопје, со цел заеднички да придонесеме за расчистување на овој метеж“, вели Ѓорѓиевски.
Апелирам до раководството на „Дрисла“ да покаже разбирање и да не врши опструкции при влезот на механизацијата која ќе биде насочена кон транспортирање на отпадот што се таложи низ скопските улици, потенцира Ѓорѓиевски.
„Нашите сограѓани редовно си ги плаќаат сметките, но за жал, услугата од градското претпријатие не ја добиваат. Затоа ќе дадеме сè од себе во наредните денови, а како што ветив – во првите 72 часа по преземањето на функцијата градоначалник, конечно ќе го исчистиме Скопје и ќе ставиме крај на оваа агонија“, објави претседателот на ЗЕЛС и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски редупредува дека на Скопје му се спрема катастрофа.
Во изјава за медиумите пред почетокот на средбата со претставниците на ЗЕЛС за хаосот со жубрето, потенцираше дека мора да се најде итно решение за овој проблем кој веќе ги помина сите граници на нормално живеење.
– Изминатите 5 дена немаше воопшто ниту еден камион од комуналното претпријатие на територија на Општина Центар. Ние имаме дополнително изнајмена механизација, нашите хигиеничари работат во две смени за отстранување на сметот од улиците. За жал, и тоа не е доволно, искрено, не е доволно. Гледаме што секојдневно се случува, немаме ингеренции да го отстрануваме сметот од самите контејнери, немаме ни таква механизација, туку го отстрануваме само сметот покрај самите контејнери. И тоа не е доволно. Дополнително, имаме кучиња скитници кои го разнесуваат целото ѓубре по улиците и ни прави дополнителен проблем на нашите хигиеничари – рече Герасимовски.
Даваме сè од себе да го подигнеме нивото на хигиена на повисоко ниво, додаде тој.
– Верувам дека јавното претпријатие ќе се свести и дека во наредните денови ќе се појави низ Општина Центар и другите општини, за да го тргне сметот од улиците – рече Герасимовски.