Италијанскиот министер: Треба да издаваме европски обврзници за да ја финансираме одбраната
Европа треба да ги финансира зголемените трошоци за одбрана со издавање заеднички долг, изјави во четвртокот италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, сигнализирајќи повторно дека финансискиот товар ќе биде преголем за италијанскиот државен буџет.
„Треба да издадеме европски обврзници за да ги финансираме трошоците за одбрана“, рече Тајани на прес-конференција во седиштето на партијата Форца Италија во Рим.На крајот на јануари министерот рече дека Италија не може да издвојува пет проценти од БДП за одбраната, одговарајќи на барањата на американскиот претседател Доналд Трамп европските земји-членки да ги зголемат трошоците.
Треба да инвестираме повеќе, но не можеме да достигнеме пет проценти од БДП, изјави тогаш италијанскиот министер.
Вложуваме големи напори да достигнеме два отсто“, додаде Тајани.
Долгот е особено чувствително прашање за Италија, чиј јавен долг значително ја надмина вредноста на БДП во третиот квартал од минатата година, покажуваат податоците на Евростат. Поголем беше само во Грција.
Италијанскиот министер за надворешни работи во ноември се заложи за издавање европска обврзница за цели на финансирање на одбраната.
„За нас, европските одбранбени обврзници се позитивен избор што мора да се имплементира и ќе видиме дали можеме да ја преточиме нашата политичка волја во конкретна одлука“, рече Тајани во полскиот главен град по состанокот на проширениот Вајмарски триаголник.
Вајмарскиот триаголник е регионален сојуз кој ги вклучува Франција, Германија и Полска, а на состанокот во ноември му се приклучија и Британија, Шпанија и ЕУ.
Европските трошоци за одбрана, мерени како дел од БДП, ќе изнесуваат 1,9 отсто оваа година, во споредба со 3,3 отсто на САД, неодамна процени S&P.
Минатата година, 23 од 32 членки ја постигнаа целта од два проценти поставена од НАТО, а тоа беше откако навлегоа подлабоко во нивните џебови.
Доколку трошоците за одбрана се зголемат на пет проценти од БДП, тоа би значело дополнителни трошоци од дури 875 милијарди долари годишно за ЕУ, пресмета агенцијата.
Таквото зголемување ќе бара од владите да заштедат на други буџетски ставки, нагласија тие, предупредувајќи дека алтернативата за дополнително задолжување најверојатно ќе значи намален кредитен рејтинг.
Доколку европските земји се изедначат со 3,3 отсто од БДП на САД, тоа би значело дополнителен трошок од речиси 600 милијарди долари годишно за ЕУ, според податоците на Европската статистичка служба за БДП во 2023 година.
Зголемувањето на трошоците до сегашниот просек пондериран од НАТО од 2,67 отсто од БДП би значело дополнителен трошок од 242 милијарди долари годишно за ЕУ како целина, пресметаа тие.
Политичките последици од намалувањето на социјалните трошоци за зголемување на трошоците за одбрана, најверојатно, би биле значајни, нагласи агенцијата.
Можно решение е издавање заеднички долг, предлагаат, а издавачи би можеле да бидат Европскиот механизам за стабилност, Европската инвестициска банка и ЕУ.