Италијанскиот „Ле Каландре“ го доби угостителскиот оскар

Lorita
By Lorita
3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Ресторанот „Ле Каландре“ (Le Calandre) во Падова, северна Италија, е прогласен за најдобар ресторан во светот на Светските готварски награди за 2025 година.

Наградите – познати и како „Оскари на угостителската индустрија“, имаат цел „да ги прослават и наградат“ готвачите, угостителите и нивниот придонес во светот на храната, задоволството и гурманството и годинава се доделуваат по шести пат. Тие се поврзани со посеопфатните Светски туристички награди, коишто се одржуваат од 1994 година и имаат иста цел, но за целата туристичка индустрија, објави „Тајм аут“ (Time Out).

– Готвачката заедница, стручњаците од оваа индустрија и потрошувачите беа поканети да гласаат, а победниците се објавуваат на гламурозна годишна свеченост. Постојат десетици категории, од стандардните како ‘Најдобар индиски ресторан во светот’ до понеобичните како ‘Најдобар подводен ресторан во светот’. Секако, главната категорија е ‘Најдобар ресторан во светот’. Оваа година, главната награда му припадна на ‘Ле Каландре’ (Le Calandre) – се вели во известувањето.

Овој ресторан е еден од неколкуте основани од Макс Алајмо. Тој во еден миг беше најмладиот готвач во историјата што ги освоил престижните три „Мишелин“ ѕвезди.

Гостите можат да изберат меѓу искуство со три, четири или пет јадења и да изберат од стандардното мени, коешто важи за цела година, или едно од двете сезонски јадења – „Макс“ (Max) и „Раф“ (Raf).

Најлесниот начин да се опише храната во овој ресторан би бил „современа италијанска кујна“, но тоа не ја доловува нејзината суштина. Оброкот во „Ле Каландре“ не е само вкусен, туку е комплетно искуство – со три или пет закуски, внимателно одбрани вина и задоволство „за сите сетила“. Некои јадења (со вообичаените три составни дела) чинат 120 евра по лице, до 250 евра за оброк со пет јадења.

„Ле Каландре“ е еден од трите ресторани на Алајмо во Падова, според многумина – потценет град што се наоѓа веднаш до Венеција. Тој се одликува со посебна архитектура и базилика од 13. век, но често е занемарен од туристите. Доколку одлучите да се почестите во оваа угостилница, треба да одвоите неколку дена за да го истражите и самиот град.

Share This Article