Италијанскиот премиер Џорџија Мелони размислува за зголемување на копнените сили за 30.000 до 40.000 дополнителни војници. Со зголемувањето би го достигнале прагот од 135.000 војници.
Зголемувањето на армијата се очекува да се постигне во период од пет до осум години, според безбедносниот план што го подготвува Генералштабот на италијанската армија по инструкции на министерот за одбрана Гвидо Крозето.
Долгите временски рамки се предвидени не само поради обуката на луѓето, туку и поради синџирите на снабдување што треба да се обноват, пишува италијанската новинска агенција Ansa, повикувајќи се на дневните весници La Stampa и La Repubblica.
Финансирањето би можело да се обезбеди од програмата за превооружување на ЕУ, која беше претставена од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно оваа недела во светло на сè понапнатата геополитичка ситуација.
Со својот план за превооружување на Европа, Брисел сака да мобилизира околу 800 милијарди евра инвестиции во одбраната. Меѓу другото, тој вклучува и предлог за воспоставување нов финансиски инструмент на ЕУ, според кој заеми до 150 милијарди евра ќе им бидат достапни на земјите-членки за зголемување на инвестициите во одбраната во текот на една деценија.
Според La Stampa, Италија исто така размислува да испрати војници во мисија во Украина. Ова не би била мисија во рамките на Обединетите нации, туку би била предводена од Турција, а во неа би учествувале и земји кои не се членки на ЕУ, објаснува весникот.