Топ Вести - Слушај сега
Американски државјанин со потекло од Нигерија е осомничен за напад врз полицаец и нелегално поседување оружје, откако бил уапсен пред ноќен клуб во скопскиот Градски парк.
Инцидентот се случил на 21 декември во раните утрински часови, кога полицаец се обидел да го легитимира осомничениот. Наместо да постапи по наредбата, тој физички го нападнал службеното лице и со удари со тупаници му нанел телесни повреди.
По интервенцијата, осомничениот бил совладан, а при претрес кај него бил пронајден полуавтоматски пиштол „Глок“ калибар 9 милиметри, заедно со две рамки со по 30 куршуми.
По утврдување дека престојувал во хостел во Скопје, по наредба на јавен обвинител бил извршен претрес и во собата. Таму, според обвинителството, било пронајдено поголемо количество оружје и муниција, уште еден пиштол „Глок“, три рамки со по 15 куршуми, дополнителни 75 куршуми спакувани во ќеси, како и комплет за чистење оружје.
Покрај оружјето, во просторијата биле пронајдени и три ножа, фантомка, тактички ракавици, бандажери за раце, сајли за врзување, како и усб-уреди и хартиени документи, кои се одземени и ќе бидат предмет на вештачење.
Основното јавно обвинителство Скопје против осомничениот поведе истражна постапка за неовластено држење и тргување со оружје и експлозивни материи, како и за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.
До судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и постапката, прикривање на докази, како и ризик од повторување на кривично дело.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
