Искри од комбајн, употреба на машини за балирање и дури и запалена свеќа на гроб се меѓу причините за 61 шумски пожар што избувнаа во Турција во периодот од 4 до 22 јули, соопшти министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на својот Фејсбук профил.
Пожарите уништија илјадници хектари шума, предизвикаа масовни евакуации и го загрозија живиот свет во заштитени подрачја.
– Од вкупно 61 пожар, во 23 случаи се утврдени сторители. Четворица се во притвор, а 19 лица се со мерки за судски надзор – изјави Јерликаја.
Во Беликесир, пожарите на 7 и 11 јули биле предизвикани од искри од комбајн, при што се осомничени тројца – еден е во притвор, а двајца се под судски надзор. Слична причина е утврдена и кај пожарите во Ушак и Кјутахија.
Во Билеџик, на 20 јули, двајца се повикани на одговорност поради пожар предизвикан при жетва со комбајн, при што едно лице е во притвор. Во истата област, како и во Болу, пожари избувнале од машини за балирање, а осомничените се ослободени под надзор.
Особено шокантен е случајот од Тунџели на 13 јули, кога запалена свеќа на гроб, користена за верски ритуал, предизвикала пожар што се проширил по сува трева. Осомничениот е под судски надзор.
Во Ескишехир (4 јули), пожар избувнал за време на сечење дрва, а двајца се под надзор. Во Хатај (5 јули) е уапсено едно лице, додека во Текирдаг (11 јули), уште едно е под мерки за надзор.
Во Киркларели (12 јули), пожар бил предизвикан од мотор на возило, а осомничениот е под судски надзор.
Во Конија (14 јули), маж кој сакал да вари чај на отворено предизвикал пожар кој траел два дена. И тој е под надзор.
На 15 јули, во Маниса, избувнале два пожари, едниот поради искри од косачка, а другиот поради заварување. За вториот случај, сторителот е задржан.