Договорот за стратешка соработка, што Русија и Иран треба да го потпишат, нема да има клаузула за заемна одбрана, каква што имаат договорите потпишани со Москва и со Пјонгјанг.
– Поинаква е природата на овој договор. Тие (Белорусија и Северна Кореја) имаат воспоставено партнерски односи (со Москва) во голем број области, за кои не преговаравме. Независноста и безбедноста на нашата земја, како и самостојноста, се исклучително важни. Ние не сме заинтересирани за присоединување кон кој било блок – изјави иранскиот амбасадор во Москва, Казем Џалали.
Тој додаде дека Иран ќе ја гарантира сопствената безбедност.
Русија има потпишано договори за партнерство со Северна Кореја и со Белорусија, кои вклучуваат одредба за заемна одбрана.
Предвидено е претседателите на Русија и Иран, Владимир Путин и Масуд Пезешкијан, на 17 јануари да го потпишат долгоочекуваниот договор за сеопфатно стратешко партнерство.