Во тек се инспекциски надзори во три здравствени установи, со цел да се утври како е лекувано 3-годишното дете кое во вторникот наутро било однесено мртво на Детската клиника во Скопје.
Инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат вршат контрола во приватна здравствена установа каде детето имало избран матичен лекар, во Општата болница во Кавадарци, каде било лекувано и во Универзитетската клиника за детски болести каде била констатирана смртта.
Таткото на детето, Тони Стојанов вчера ги повика надлежните институции да испитаат дали имало лекарска грешка во третманот на нивниот син.
– Нашето синче ни почина во раце, а се сомневаме дека нашата ситуација не беше сфатена доволно сериозно – изјави тој за МИА.
Според неговото сведоштво, во вторникот рано наутро, околу 2.40 часот, сопругата го разбудила со зборовите дека нивниот син не се чувствува добро. Веднаш побарале помош во Општата болница во Кавадарци, но велат дека интервенцијата била недоволна, па детето било пренесено кон Скопје.
Дел од медиумите објавија дека, според родителите, болницата во Кавадарци одбила да го испрати детето кон Скопје со медицинско возило, па родителите тргнале кон Детската клиника со приватно возило. Но, за жал, детето починало по пат.