Индустриското производство во септември годинава е зголемено за 2,7 % во однос на септември минатата година, а за 2,3% во периодот јануари – септември годинава споредено со истиот период лани, објави Државниот завод за статистика.
Податоците покажуваат дека растот главно е поткрепен од преработувачка индустрија која за една година пораснала а 3,1%. Другите два сектора рударството и снабдувањето со енергенси бележат пад од 1,7 односно 2,5 %.
Најголемо влијание врз годишниот порастот на индустриското производство во септември има во одделите: „производство на прехранбени производи“ од 8,3%, „производство на електрична опрема“ од 8,2% и „производство на моторни возила, приколки и полуприколки“ од 7,7%.
Зголемувањето во преработувачката индустрија е резултат на зголеменото производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати од 6,0%, на производите од гума и производи од пластични маси од 83,3%, како и производство на други неметални минерални производи од 18,9% и на мебел од 7,7%.
Интересен е податокот дека годишното производство на тутунски производи (цигари и други тутунски производи) е зголемено за 184,1%. Неговиот раст од јануари до септември пак изнесува 42,3%.
Извор:ДЗС
Според главните индустриски групи, производството во септември 2025 година, во однос на септември 2024 година, бележи пораст кај Енергија за 1,6%, Интермедијарни производи, освен енергија за 6% и Капитални производи за 3%.
Опаѓање е забележано кај Трајни производи за широка потрошувачка за 5,6% и кај Нетрајни производи за широка потрошувачка за 0,6%.
 
							 
								 
			

 


 
                               















 
		 
		 
		 
		 
		







 
		 
		 
		 
		