Геолозите во кинеската покраина Хунан открија едно од најголемите познати наоѓалишта на злато, наречено „суперџиновско“ рудно тело, кое се наоѓа под полето Вангу во округот Пингјанг.
Се проценува дека наоѓалиштето содржи околу 1.100 тони злато, чија вредност надминува 83 милијарди долари.
Според државните медиуми, откриени се повеќе од 40 златни жили кои се протегаат до длабочина од 3.000 метри, додека 3Д моделите покажуваат дека златната маса може да се спушти до 3 километри.
Анализите укажуваат на екстремно висока концентрација на злато – дури 138 грама на тон руда, што е реткост дури и во најголемите рудници во светот, објави Popular Mechanics.
Доколку овие проценки се потврдат, новото наоѓалиште би можело да го надмине рудникот South Deep во Јужна Африка, кој моментално го држи рекордот со 1.025 тони злато.
Кина е веќе најголемиот производител на злато во светот, со околу 10% од глобалното производство, но исто така и најголем потрошувач и увозник, бидејќи троши три пати повеќе злато отколку што произведува самата.
Според Лиу Јонгџун од Геолошкиот завод на покраината Хунан, во близина на главното наоѓалиште се пронајдени дополнителни златни структури, што укажува дека вкупните резерви би можеле да бидат уште поголеми.
На глобално ниво, досега се ископани околу 233.000 тони злато, од кои две третини се извлечени по 1950 година.
Новото кинеско наоѓалиште, доколку го потврди својот целосен потенцијал, би можело значително да ја промени глобалната рударска индустрија и дополнително да ја зајакне позицијата на Кина на глобалниот пазар на злато.




























