Хамас попладнево ослободи три заложнички, кои се првите од 33-те заложници што треба да бидат пуштени, согласно првата фаза од договорот со Израел за прекин на огнот во Појасот Газа, соопшти израелската војска.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст потврди дека нивни преставници ги презеле трите заложнички и се на пат кон Израел.
На објавените телевизиските снимки се гледа како три жени се качуваат во автомобил во Газа, придружувани од вооружени борци на Хамас.
Според израелските медиуми, првите три ослободени заложнички се Дорон Штајнбрехер, Емили Дамари и Роми Гонен, кои поминаа речиси 500 дена во заробеништво, од нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Црвениот крст треба да ги предаде трите жени на израелската армија во Појасот Газа, а оттаму треба да бидат пренесени во воен објект во Израел, во близина на границата. Таму ќе им биде извршен првичен преглед пред да бидат однесени во болница во Тел Авив, каде што треба да се сретнат со нивните семејства.
Првата фаза од договорот за примирје меѓу Хамас и Израел што стапи во сила денеска, предвидува ослободување на 33 израелски заложници држени во Газа, во замена за 1.904 палестински затвореници во израелските затвори. Договорот предвидува и повлекување на израелската армија од густо населените области на Појасот Газа.
Договорот беше објавен во средата, по повеќемесечните напори на САД, Египет и Катар да го убедат Израел да се согласи на прекин на огнот, а Хамас да ги ослободи заложниците.
На улиците на Тел Авив се собираат илјадници Израелци за да го прослават почетокот на ослободувањето на заложниците на Хамас.