Нов закон кој го донесе владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски предизвика протести низ Киев и уште неколку градови. Парламентот со мнозинство гласови одобри два амандмани и ја ограничи моќта на двете антикорупциски организации во земјата.
Сега, организациите ќе бидат под контрола на канцеларијата на генералниот обвинител, кој пак според правилата во Украина го именува претседателот.
Европската Унија остро реагираше и изрази „длабока загриженост“ за ударот врз независноста на овие тела кои се борат со корупцијата.
„Отстранувањето на основните заштитни механизми што ја штитат независноста на организацијата НАБУ е сериозен чекор назад“, напиша на Икс еврокомесарката Марта Кос.
Европската комисија потсети дека „владеењето на правото е во срцето на преговорите за пристапување“.
Новиот закон, усвоен во вторник, му дава овластување на обвинителот да ги префрла случаите и да преместува обвинители, со што, според шефот на НАБУ, Национално биро за борба против корупцијата, Семен Кривонос, се загрозува целата антикорупциска инфраструктура.
„Овој потег е директен удар врз системот за борба против корупција, го уништува сè што е постигнато“, објави Кривонос на социјалните мрежи и ја повика канцеларијата на Зеленски да не брза со потписот.
Стотици граѓани излегоа пред претседателската администрација во центарот на Киев доцна во вторникот, 22 јули, реагирајќи на гласањето и на падот на украинските државни обврзници на светските финансиски пазари.
Зеленски, чија партија има мнозинство, го одобри законот истиот ден, а канцеларијата не даде дополнителен коментар на реакциите од јавноста.
Активистите против корупција предупредуваат дека Украина се соочува со најопасниот момент за независноста на агенциите НАБУ и САПО(Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата) досега, а влијателни Украинци на социјалните мрежи гласањето го оценија како предавство на европската иднина.
– Знам што значи еден човек да има цела моќ, без транспарентност, да работи против тебе – рече 18-годишната Владимирислава Кирстјок, учесничка на протестите.
Активистите против корупцијата се вознемирени откако властите во Украина овој месец обвинија водечки активист против корупцијата дека ја избегнал воената служба. Критичарите ги прикажаа обвиненијата против активистот како политичка одмазда за разоткривање корумпирани службеници.