Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ (58) во својот победнички говор синоќа рече дека победата во вториот круг од претседателските избори ја гледа како признание за досегашната негова работа и додаде дека и подава рака на Владата.
– Ова е голем ден за мене, оваа победа ја гледам како признание и одобрување на мојата работа – рече Милановиќ во изборниот штаб во Фабриката за култура во Загреб, каде беше пречекан со овации и скандирања „Зоки“.
Тој оцени дека тоа е плебисцитарна порака на хрватскиот народ до сите што треба да ја слушнат.
Милановиќ истакна дека неговата рака е подадена кон оние кои ја имаат извршната власт и кои велат дека се одговорни за 99% од работите, алудирајќи на изјавата на премиерот и претседател на ХДЗ, Андреј Пленковиќ.
Претседателот рече дека ќе продолжи да се држи до Уставот и дека тоа е неговата програма за која, како што рече, се согласуваат и оние кои вчера му ја дадоа довербата.
– Моја должност е да бидам рамноправен во прашањата за надворешната политика, одбраната и националната безбедност. Ќе бидам врховен командант, не рамноправен, туку најодговорен, бидејќи така вели Уставот – посочи Милановиќ.
Тој посочи дека одговорноста за другите работи треба да се сподели.
– Тоа е вештина и доблест. На оние кои сакаат нешто да зграбат за себе, луѓето обично им испраќаат порака како денеска. Не на мене, туку на нив – рече Милановиќ.
Велејќи дека нема да најавува никакви притисоци или јавни писма до премиерот, Милановиќ нагласи дека е потребно да се разговара.
Во својот говор тој им се заблагодари на сите хрватски граѓани во земјата и странство. Тој посебно ги спомена Хрватите од БиХ, но и припадниците на националните малцинства, нагласувајќи дека Хрватска секогаш ќе биде нивна татковина.
Тој ги повика присутните со аплауз да ги поздрават членовите и гласачите на ХДЗ
Милановиќ, кој на изборите беше кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП) и партнер од левиот центар, вчера убедливо го победи кандидатот на ХДЗ Драган Приморац во вториот круг од претседателските избори.
Милановиќ освоил повеќе од 1.120.000 гласови, а Приморац 380.000.
Приморац во својот говор не му честиташе на Милановиќ, а подоцна во изјава за новинарите премиерот Андреј Пленковиќ одби да го стори тоа, нарекувајќи го Милановиќ повторно „прекршител на Уставот“.
Пленковиќ рече дека кандидатот на ХДЗ Драган Приморац е одличен кандидат и дека нема подобар кандидат во партијата.
Актуелниот претседател Зоран Милановиќ во неговиот петгодишен мандат се етаблираше во позиција на најжесток критичар на владата на Андреј Пленковиќ и се доживува како вистински лидер на опозицијата. Милановиќ и Пленковиќ имаат многу заладени односи, а често и јавно разменуваат навреди.