Хиротонијата е закажана на Павловден

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

„Очекуваме и искрено се надеваме дека викарниот епископ антаниски г. Партениј ќе продолжи да му помага како помошен викарен епископ на новоизбраниот митрополит дебарско-кичевски г. Георгиј“.

Ова, одговарајќи на новинарско прашање го изјави портпаролот на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г. Климент, веднаш по завршувањето на денешната синодска седница на којашто игуменот Георгиј беше назначен за митрополит дебарско-кичевски.

На прашањето како Синодот ги коментирал неодамнешните народни собири во вид на протести на повеќе места низ земјава, со цел давање поддршка на епископот Партениј во трката за митрополит дебарско-кичевски, владиката Климент кусо одговори дека на денешната седница воопшто не се разговарало за тие работи.

Во продолжение ви го пренесуваме соопштението на Синодот:

„Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), на својата редовна седница во полн состав, одржана на 12 јуни 2025 година, разгледа повеќе прашања и настани поврзани со животот на нашата Света Црква. Светиот синод ги разгледа и ги усвои годишните извештаи од епархиите на МПЦ-ОА во татковината и дијаспората, а неколку свештенослужители удостои со повисоки црковни чинови. Светиот архијерејски синод, исто така, го разгледа и предлогот на Претседателот на САС на МПЦ-ОА, Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, за избор на иден Митрополит на упразнетата Дебарско-кичевска епархија. Раководен од Светиот Дух, Светиот архијерејски синод едногласно и еднодушно го избра Неговото Високопреподобие архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за Митрополит на Дебарско-кичевската епархија при Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија. Достоен! Наречението на новоизбраниот Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 12 јули 2025 година, на Петровден, во храмот ‘Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон’ на Плаошник, а епископската хиротонија и интронизацијата за Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 13 јули 2025 година, на Павловден, во Соборниот храм на Охридските архиепископи ‘Св. Софија’ во Охрид“, се вели во соопштението.

Share This Article