Трговската војна на Доналд Трамп може да ја зголеми цената на американските хамбургери, предупреди австралискиот министер за трговија, поради шпекулациите дека царините би можеле да се прошират на говедско месо и други земјоделски производи.
Австралискиот министер за трговија Дон Фарел рече дека поголемиот дел од австралиското говедско месо што се извезува во САД завршува во Мекдоналдс.
-Значењето за САД во однос на нашиот извоз на говедско месо е тоа што најголемиот дел оди во хамбургерите на Мекдоналдс. Ако ја зголемите цената на тој извоз на говедско месо за 25% или 10% или каков и да е бројот, тогаш само ќе ја зголемите цената на хамбургерите во САД. Нема смисла – рече Фарел.
Тој најави дека ќе продолжи да притиска Австралија да биде ослободена од царините.
– Би сакал да можам да ви кажам што точно ќе направи американската влада на крајот. Да бидам искрен со вас, мислам дека тие дури и не знаат – изјави Фарел за Sky News.
Фарел тврди дека Австралија нема да размисли за одмазднички тарифи за Америка.
– Дел од мојата работа е да продолжам да им кажувам на Американците дека усвоиле погрешни политики. Всушност, ние треба да го правиме спротивното. Треба да создадеме повеќе слободна трговија, повеќе фер трговија, а не помалку трговија – истакна тој.
Австралиските фармери нестрпливо чекаат да слушнат дали извозот на месо ќе биде погоден од следната рунда царини.
САД се пазар број еден за австралиското говедско, јагнешко и козјо месо. Австралиските производители продадоа месо во САД во вредност од 6,2 милијарди долари минатата година.