Хамас нема да учествува во преговорите со Израел додека не ослободи група палестински затвореници во замена за израелските заложници кои палестинското движење ги ослободи во саботата, изјави висок претставник на Хамас. Според германската новинска агенција dpa, Хамас се уште нема донесено конечна одлука за ова прашање и се координира со посредниците.
Од 19 јануари, кога стапи на сила договорот за прекин на огнот во Газа, палестинското исламистичко движење Хамас ослободи вкупно 25 израелски заложници, при што маскирани палестински борци постојано правеа шоу и парадираа со затворениците пред насобраната толпа жители на Газа пред да ги предадат.
Слично беше и со седмото предавање во саботата, кога Хамас ослободи шест заложници, но Израел, спротивно на договорот, сè уште не ослободил околу 600 Палестинци од израелските затвори во замена за шестмината.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека ослободувањето на затворениците ќе биде одложено додека Хамас не ги прекине своите „понижувачки церемонии“ за ослободување на заложниците. Тој додаде дека Израел е подготвен да ја продолжи војната во Газа.
Во светлината на ова, Хамас го обвини Израел дека со својот потег сериозно го загрозува договорот за прекин на огнот во Газа.
Белата куќа, пак, објави дека ја поддржува одлуката на Израел. Портпаролот на Советот за национална безбедност Брајан Хјуз рече дека одложувањето е соодветен одговор на третманот на Хамас кон заложниците. Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп е подготвен да го поддржи Израел во „секаква акција во врска со Хамас“, објави новинската агенција Ројтерс.