Израел го запре ослободувањето на палестинските затвореници, кои требаше да бидат ослободени по враќањето на израелските заложници, во знак на протест против сцените на хаосот околу ослободувањето на Агам Бергер, Арбел Јехуд, Гади Мозес и петмина тајландски државјани, јави Канал 12.
Во извештајот се вели дека затворениците биле во автобусите, подготвени да бидат ослободени, кога дошла наредба операцијата да запре.
Ослободувањето било проследено со хаотични сцени пред насобраните палестински граѓани.
Израелскиот претседател, Исак Херцог, го поздрави враќањето на осумте заложници во Израел и го критикуваше хаосот за време на предавањето.
– До солзи сме трогнати од враќањето од заробеништво на Агам Бергер, Арбел Јехуд и Гади Мозес, заедно со 5 тајландски граѓани. Сцените од моментите на ужасот при нивното префрлање во Црвениот крст беа многу вознемирувачки и неприфатливи – рече Херцог во изјавата.
Прва беше ослободена 20-годишната израелска војничка, Агaм Бергер, во бегалскиот камп Џабалија во Северна Газа. Потоа следеше предавањето на уште двајца израелски граѓани – Арбел Јехуд (29) и Гади Мозес (80), како и на петмина тајландски работници, кои беа киднапирани на 7 октомври 2023 година за време на нападот на Хамас врз Израел.
Особено внимание привлече ослободувањето на Јехуд во Хан Јунис, каде што стотици припадници на Хамас и Исламски џихад се наредиле за да демонстрираат сила. Палестинска толпа, делумно сместена на урнатините од бомбардирани згради, ја опкружила заложничката, додека маскираните милитанти ја придружувале низ хаотичната атмосфера.
Ова е трета размена на заложници за палестински затвореници од почетокот на примирјето.
Во рамки на прекинот на огнот, стотици илјади Палестинци се враќаат во своите домови во Газа, но со мешани чувства – радост за враќањето, но и тага за загубените блиски во 15-месечниот конфликт, кој ги разурна северните делови на појасот.