Вооруженото крило на палестинското исламистичко движење Хамас објави ново видео на кое се гледа жив израелско-унгарски заложник, Омри Миран, кој бил киднапиран за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Видеото трае помалку од три минути, а во него Миран ѝ се обраќа на израелската влада со апел за итни чекори за негово ослободување. Иако не е познато кога е снимено видеото, израелските медиуми го потврдија неговиот идентитет.
Миран бил киднапиран во присуство на сопругата и двете нивни мали ќерки, кои биле пуштени на слобода.
На видеото, тој прво се гледа како се движи низ тунел, а потоа седи на душек во затворен простор. Во пораката се обраќа и до демонстрантите во Израел што протестираат против Владата и бараат ослободување на заложниците.
– Живееме во постојан страв од бомбардирања. Потребен е итен договор за да бидеме ослободени – вели Миран.
Хамас веќе го прикажа Миран во видео и во април 2024 година. Неговиот татко, Дани Миран, е меѓу водечките личности во иницијативата за ослободување на заложниците.
По двомесечното примирје, на 18 март Израел ја обнови офанзивата врз Појасот Газа со цел да го принуди Хамас да ги ослободи преостанатите 58 заложници. Израелската војска проценува дека 34 од нив се веќе мртви.
Во Каиро се водат нови преговори за прекин на огнот. Хамас на 17 април одби предлог за 45-дневно примирје во замена за ослободување на 10 живи заложници.
Меѓу 19 јануари и 17 март годинава, за време на претходното примирје, беа ослободени 33 заложници (вклучувајќи осум загинати) во замена за околу 1.800 палестински затвореници.