Пеп Гвардиола се осврна на својата тренерска кариера во интервју за ESPN, а беше прашан што ќе прави по завршувањето на мандатот во Манчестер Сити. Шпанецот не даде дефинитивен одговор на тоа.
Каталонскиот тренер го презеде кормилото на „Граѓаните“ во 2016 година, а во својот деветгодишен мандат успеа да освои шест титули во Премиер лигата. Сепак, оваа сезона Манчестер Сити не игра на очекуваното ниво, па затоа се повеќе се зборува за евентуално заминување на Гвардиола.
И покрај гласините, тој го продолжи договорот до 2027 година, но сепак, според него, се чини дека дошло до одредена заситеност. Во интервју за ESPN, тој најави дефинитивна пауза, но сè уште не знае дали ќе се пензионира.
„По мојот договор во Сити ќе престанам. Сигурен сум во тоа. Не знам дали ќе се пензионирам, но ќе направам пауза.“
Каталонецот беше прашан и како сака да биде запаметен, а ниту на тоа немаше конкретен одговор.
„Не знам како сакам да бидам запаметен. Сите тренери сакаат да победуваат за да ја направат нашата работа незаборавна, но верувам дека навивачите на Барселона, Баерн и Сити уживаа гледајќи ги моите тимови. Не мислам дека треба да живееме размислувајќи за тоа дали ќе бидеме запаметени.“