Грузија објави дека го напушта Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), кое оваа недела се состанува во Стразбур. Одлуката беше донесена во Тбилиси по гласањето во ова тело, кое ја повика земјата да ги повтори спорните парламентарни избори, да ги ослободи политичките затвореници и да се врати на европскиот пат.
„Денеска ја завршуваме нашата работа во Парламентарното собрание“, рече во средата вицепремиерката Теа Чулукјани, според извештајот на грузиската новинска агенција Интерпрес, цитиран од германската ДПА.
Претходно, ПССЕ, во резолуцијата поддржана од 114 од 134 членки, го повика Тбилиси да ги повтори изборите одржани во октомври минатата година. Победи владејачката партија Грузиски сон, но проевропската опозиција тврди дека гласањето било наместено и бара повторување. И меѓународните набљудувачи укажаа на неправилности.
Во ноември минатата година, властите во Тбилиси најавија одложување на почетокот на пристапните преговори со ЕУ до 2028 година, што беше проследено со големи протести придружени со обвинувања за репресија од страна на грузиските власти против демонстрантите, опозицијата и медиумите. .
На оваа седница на ПС СЕ беше доведен во прашање мандатот на парламентарната делегација од Грузија поради контроверзниот карактер на изборите. Тие на крајот го потврдија тоа, но како што изјави Чулукјани, не ги прифаќаат пропратните услови, велејќи дека се неправедни и неосновани.
Таа е особено вознемирена од повиците за нови избори, кои ги надминуваат надлежностите на ПССЕ, го нарушуваат суверенитетот на државата и не ја земаат предвид волјата на гласачите.
Како што нагласи таа, земјата ја прекинува работата во собранието, но останува членка на Советот на Европа и е подготвена да се врати во своето парламентарно тело доколку тоа го промени нејзиниот однос кон Грузија.
Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос, смета дека одлуката на Тбилиси го загрозува дијалогот што може да помогне во промовирањето на демократските стандарди во Грузија, пишува и dpa.