Граѓаните на Неготино денеска ќе одржат мирен собир во чест на 22-годишната Фросина Кулакова, која завчера трагично го загуби животот откако беше прегазена на пешачки премин во Скопје. Според информациите од МВР, возачот, 20-годишниот В.Ј., во моментот на несреќата возел без возачка дозвола, со брзина поголема од 120 километри на час, поминувајќи на црвено светло под дејство на алкохол.
Настанот ќе започне во 15 часот на градскиот плоштад во Неготино и е организиран од граѓани кои, покрај тоа што ќе ѝ оддадат почит на Фросина, ќе испратат и силна порака – „Доста е!“ Тие бараат ригорозни мерки против несовесните возачи, поголема безбедност на улиците и крај на неказнивоста за сообраќајните прекршители.
„Не само во Скопје, во цела Македонија владее анархија на асфалтот. Секојдневно гледаме пијани возачи, трки низ улиците, сообраќајни несреќи. До кога ќе палиме свеќи за невини жртви? Оваа трагедија мора да биде последна, законите мора веднаш да почнат да се спроведуваат подеднакво за сите“, изјавуваат организаторите на собирот.
На социјалните мрежи веќе кружат повици за учество, а граѓаните се повикани да носат транспаренти со пораки за правда и поголема безбедност.
Во исто време, семејството на Фросина Кулакова соопшти дека нејзиното последно испраќање ќе се одржи денеска во капелата во Бутел од 10 до 11 часот, а потоа од 13 до 14 часот во капелата во Неготино, по што ќе следи погребот во нејзиниот роден град.
По трагедијата, сличен собир за правда ќе се одржи и во Кавадарци во недела во 12 часот, каде граѓаните ќе изразат револт од сообраќајниот хаос и бараат итни мерки за заштита на животите на пешаците.