Градоначалникот Кирил Пецаков денеска оствари средба со младиот охридски теквондист Ненад Целески, кој освои златен медал на Балканското теквондо првенство, кое се одржа неодамна во Дупница, Бугарија.
Градоначалникот Пецаков му честиташе на младиот спортист за големиот успех и за достоинственото претставување на Охрид и Македонија на ова престижно натпреварување. Градоначалникот истакна дека ваквите резултати се голем мотив за младите охриѓани и поттик за понатамошен развој на спортот во градот.
Целески е член на Теквондо клубот „Хваранг Фист“ од каде што изразија благодарност за поддршката од локалната самоуправа и најавија интензивни подготовки за претстојните натпреварувања на европско и светско ниво.




























