Генералниот секретар на либанската шиитска групација Хезболах, Наим Касем, на погребот на лидерот на движењето Хасан Насрала изјави дека нема да дозволат САД да го контролираат Либан.
– Нема да дозволиме Америка да ја контролира нашата земја. Израел нема да добие со политика она што не успеа да го добие со војна – рече Касем во телевизиски говор, пренесуван на екран на градскиот стадион Камил Шамун во Бејрут.
Касем не беше присутен на стадионот на погребната церемонија на Насрала и неговиот назначен наследник Хашем Сафиедин.
– Денеска му оддаваме почит на историски, национален, арапски и исламски лидер – додаде Касем.
Тој нагласи дека „отпорот сè уште постои и е силен, и во жива сила и во оружје“ и порача дека „Израел мора да ги повлече војските од окупираните територии“.
Пет месеци откако лидерот на Хезболах Хасан Насрала беше убиен во израелски воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут, десетици илјади луѓе се собраа рано утринава во либанскиот главен град за да присуствуваат на погребот на Насрала.
Насрала беше убиен во израелски воздушен напад во кој беа фрлени повеќе од 80 бомби врз главниот оперативен штаб на либанската милитантна група.
Насрала е еден од основачите на Хезболах, кој го водеше повеќе од 30 години и успеа да го направи моќна воена сила на Блискиот Исток, и затоа неговата смрт претставува голема загуба за оваа проиранска милитантна организација.
Погребот на Насрала и на неговиот наследник Хашем Сафиедин се одржи на спортскиот градски стадион Камил Шамун на периферијата на главниот град, каде што се поставени огромни плакати на двајцата, јави Тајмс оф Израел.
Стадионот има капацитет од околу 50.000 луѓе, но организаторите на Хезболах поставија илјадници дополнителни седишта на теренот и многу други надвор, каде присутните ја следea церемонијата на огромен екран.