Горан Марковиќ е нов извршен директор на Македонски телеком, а Сашо Димитријоски ќе раководи со Одборот на директори на оваа компанија.
Ова е одлучено на вчерашната вонредна седница на одборот на директори на Телекомот.
Марковиќ доаѓа на местото на долгогодишниот директор на Македонски телеком Никола Љушев на кој му истекува мандатот на 30 јуни годинава.
Според одлуката која е објавена на Македонска берза, Марковиќ ќе стапи на функцијата на 1 јули со мандат до 31 мај 2029 година, а Љушев останува во Одборот на дрректори на компанијата како неизвршен член.
Љушев, оди на нова позиција во Групацијата Дојче Телеком на проект за стратешка и оперативна трансформација на мрежата на Телеком за Европа.
Горан Марковиќ во Македонски Телеком доаѓа од T-Mobile Полска, каде што од 2020 година бил на позицијата Главен комерцијален директор и Член на Одборот, постигнувајќи позитивен пресврт во комерцијалните резултати и подобрувања во оперативната ефикасност.
Тој е менаџер со богато искуство, со повеќе од 20 години на лидерски позиции во телекомуникациската индустрија, стекнато на различни меѓународни пазари. Во текот на својата кариера, тој бил на високи раководни позиции во две од водечките интернационални компании во индустријата – Групацијата Дојче Телеком и Групацијата Теленор
Кариерата ја градел извршувајќи различни одговорни функции, од раководење со национални деловни единици до стратешки функции и членство во управни одбори.
Горан има искуство во повеќе комерцијални области, вклучувајќи маркетинг, комуникации, бренд-менаџмент и продажба, и експертиза во водење на деловни трансформации, и остварување одржлив раст.