Голманот на италијанскиот вицешампион Интер, 27-годишниот Хосеп Мартинез, бил вмешан во тешка сообраќајна несреќа во која животот го загубил 81-годишен маж во електрична инвалидска количка, пренесуваат италијанските медиуми.
Несреќата се случила во местото Фенегро, во покраината Комо, кога инвалидската количка, според првичните информации, излетала од велосипедската патека директно на патот, пред возилото управувано од Мартинез
„Автомобилот управуван од голманот на Интер, Хосеп Мартинез, удрил човек во електрична инвалидска количка кој се движел по велосипедска патека веднаш до патот. Мартинез веднаш застанал за да му помогне, но мажот починал пред пристигнувањето на брзата помош“, стои во соопштението на италијанската полиција.
Околностите на трагичната несреќа се уште се истражуваат, а полицијата спроведува увид за да утврди дали голманот ја почитувал сообраќајната брзина и сите прописи во моментот на судирот.
Мартинез, кој ова лето му се приклучи на Интер од Џенова, соработувал со властите и дал изјава во полициската станица веднаш по настанот.



























