Најдобриот српски тенисер, Новак Ѓоковиќ, призна дека неговата форма оваа сезона не е на ниво, но нагласи дека останува фокусиран на главната цел – освојување на Гренд слем трофеите. Тој ќе го започне настапот на турнирот во Женева во среда против Унгарецот Мартон Фучович.
– Сè уште се гледам како кандидат за сите големи титули. Подготовките во Белград беа мешавина од добри и тешки денови. Возбуден сум што ќе играм на земја, бидејќи немав многу шанси оваа сезона – сè уште немам победа. Се надевам дека тука ќе одиграм повеќе од еден натпревар и ќе влезам во форма за Ролан Гарос – изјави 24-кратниот Гренд слем шампион.
Ѓоковиќ потврди дека повеќе нема да работи со Енди Мареј, по што тренерската улога ја презема Душан Вемиќ, поранешен член на неговиот тим и капитен на српската репрезентација. Помош ќе добива и од Борис Бошњаковиќ, кој досега беше аналитичар.
– Австралија беше тест за соработката со Мареј. Се договоривме да се обидеме, но заклучивме дека не можеме да напредуваме повеќе. Имам огромна почит за него, а сега дури и поголема откако го запознав подобро – додаде тој.
Српскиот ас призна дека моменталниот период е тежок, особено по поразите на стартот во Монако и Мадрид, што не му се случувало во последните 20 години.
– Ова е ново поглавје. Морам најдобро да го разберам своето тело и да се грижам за здравјето. Се гордеам со кариерата, но сè уште сакам трофеи. Затоа сум тука – да ги правам работите како што треба – заклучи Ѓоковиќ.