Гласањето за болните и немоќни лица, притворени и затворени лица, како и за граѓани сместени во установи за вон семејна грижа, се одвива непречено во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, вклучително и во Градот Скопје, информира Државната изборна комисија (ДИК).
– Гласањeто започна во 7 часот утринава и истото се одвива непречено во сите општини и Градот Скопје, стои во соопштението од ДИК.
Според нивните податоци, денеска своето избирачко право го остваруваат 4.826 болни или немоќни лица, 1.256 лица во 14 казнено-поправни установи и 214 лица сместени во 13 центри за вон семејна грижа.
Во вториот круг од локалните избори 2025 утре се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници.
Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.



























