Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара од островската држава Палау во Тихоокеанскиот Океан да прифати мигранти кои моментално се наоѓаат на американска територија, како дел од пошироките напори за депортација на мигранти.
Според нацрт-договорот што го виде британскиот „Гардијан“, Палау, земја со околу 18.000 жители, разгледува предлог за прифаќање „државјани од трети земји“ од САД кои бараат заштита и одбиваат да се вратат во својата татковина.
Документот не го наведува бројот на лица што би можеле да бидат префрлени, ниту што би добил Палау за возврат.
„Двете страни ќе ги земат предвид барањата на државјаните од трети земји за азил, статус на бегалец или еквивалентна привремена заштита“, се вели во нацрт-договорот.
Во документот, исто така, се наведува дека САД нема да префрлаат малолетници без придружба во Палау.
Претседателот на Палау, Сурангел Випс Јуниор, во придружното писмо истакна дека предлогот не е конечен и е предмет на понатамошни дискусии.
Палау, како што наведува, „ќе има целосна дискреција да прифати или одбие кое било лице“.