Во своето обраќање пред Европскиот парламент, данската премиерка Мете Фредериксен упати сериозни предупредувања за состојбата во која се наоѓа Европа, потенцирајќи дека Европската Унија мора да го засили темпото, и дома и надвор, ако сака да обезбеди стабилна, сигурна и конкурентна иднина за сите граѓани.
– Иднината не е нешто што ќе ни се случи, иднината ја создаваме ние, овде и сега – истакна Фредериксен, презентирајќи ги приоритетите на Данското претседателство со Советот на ЕУ.
Фредериксен порача дека следните чекори во процесот на проширување со Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан мора да се преземат без одлагање:
– Мораме да ги донесеме овие земји поблиску до Европа. Тоа не е само во нивен интерес, туку е инвестиција во силна, стабилна и заедничка иднина – рече таа.
Според премиерката, ЕУ се соочува со најголемите предизвици од Втората светска војна досега, војна во Украина, закани од тероризам, миграциски кризи, климатски катастрофи и геополитички притисоци од Исток.
– Нашите вредности, економии и начин на живот се под напад. Треба да се обединиме и да одговориме силно, мудро и заеднички – додава таа.
Фредериксен ја нагласи потребата од итно јакнење на европската одбранбена индустрија.
– Русија веќе не е сама, користи ракети од Иран, војници од Северна Кореја, технологија од Кина. Мораме да дејствуваме сега – вели данската премиерка.
Во исто време, истакна дека поддршката за Украина не е милост, туку директна одбрана на Европа.
Фредериксен повика на амбициозна климатска агенда, посочувајќи дека Европа мора да стане енергетски независна и да создаде стабилна рамка за бизнисите.
– Климатските промени носат миграција и сиромаштија. Мораме да обезбедиме чиста, евтина енергија и поодржлива иднина – вели таа.
Во однос на економијата, нагласи дека ЕУ мора да ја поедностави регулативата и да ги намали трошоците за компаниите.
– Европа е прекрасен и разновиден континент. Но мораме да бидеме подготвени да ја браниме демократијата, слободата и правото. Ајде заедно да изградиме посилна Европа – порача Фредериксен.