Француската актерка Брижит Бардо жестоко реагираше откако веста за нејзината смрт се прошири на социјалните мрежи. Популарниот инфлуенсер Акабабе, кој се занимава со вести за познати личности во својата земја, пред неколку дена изјави дека Бардо починала на југот на Франција.
– Според моите ексклузивни информации, Брижит Бардо почина денес. Нејзиниот ковчег беше нарачан во Сен Пол де Жара во департманот 09. Иконата почина, оставајќи зад себе незаборавен печат и вечен белег во срцата на Французите – напиша тој на X и на Инстаграм.
Неговата објава предизвика лавина од реакции, а неколку часа подоцна Бардо се огласи, не криејќи го својот гнев.
– Не знам кој е идиотот што ги шири лажните вести за моето исчезнување, но знајте дека сум добро и немам намера да се откажам – рече таа.
Акабабе, чие вистинско име е Анис Зитуни, подоцна напиша дека ја избришал првата објава, но уште еднаш изјави дека верува оти актерката починала.
– Таа не е таа што го управува својот Твитер, ќе видите кога АФП официјално ќе ја објави смртта – додаде тој.
Легендарната актерка се врати од болница минатиот месец по мала операција поврзана со непозната болест. Таа помина три недели во болница пред да се врати дома во Сен Тропе.
– Госпоѓа Бардо се врати дома и сега одмара. Таа е добро – изјави портпаролот за странските медиуми.
Бардо претходно имаше здравствени проблеми. Пред две години, таа имаше проблеми со дишењето кога Сен Тропе беше погодено од екстремно високи температури. Медицинскиот персонал потоа ја лекуваше во нејзиниот дом, а нејзиниот сопруг Бернар д’Ормал откри што навистина се случило.
– Околу 9 часот наутро, Брижит имаше проблеми со дишењето. Нејзиното дишење беше поотежнато од вообичаено, но таа не ја изгуби свеста. Да го наречеме тоа момент на респираторна дистракција – рече тој. Медицинскиот персонал ѝ даде кислород и ја следеше некое време. Како и сите луѓе на одредена возраст, таа повеќе не ја поднесува жештината – додаде нејзиниот сопруг.
Брижит се здоби со слава во 1952 година со филмот „Девојката во бикини“, а во текот на својата кариера глумеше во повеќе од 45 филмови. Исто така, сними повеќе од 70 песни пред да се пензионира на почетокот на 1970-тите. Откако се откажа од глумата, се посвети на благосостојбата на животните и во 1986 година ја основа Фондацијата Брижит Бардо.
Што се однесува до нејзиниот приватен живот, таа беше мажена четири пати. Беше мажена за Роже Вадим од 1952 до 1957 година, за Жак Шарие од 1959 до 1962 година и за Гинтер Сакс од 1966 до 1969 година. Се омажи за Бернар д’Ормал во 1992 година.
Со Шарие доби син, Никола-Жак, но не криеше дека не сака да има деца уште од неговото раѓање. Додека сè уште била бремена, таа рекла дека нејзиното дете е „канцероген тумор“ и признала дека не сакала да го види својот син кога се родил.




























