Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов порача дека паниката меѓу граѓаните е најголем непријател во справувањето со огнената стихија, и ги повика сите да ги следат упатствата од надлежните институции.
– Ја разбирам паниката меѓу граѓаните, но таа може да доведе до лоши одлуки. Апелирам граѓаните да ги слушаат локалните или националните авторитети. Како држава, имаме контрола над сите ресурси. Ресурсите можеби никогаш нема да бидат доволни, но ги распоредуваме оптимално, таму каде што е најнеопходно – изјави Ангелов.
Тој нагласи дека приоритет во борбата со пожарите се човечките животи, а потоа и заштитата на имотот.
– Во моментов, на територијата на државата се евидентирани 15 пожари на отворен простор – девет активни и шест под контрола. Најсериозен останува пожарот кај планината Готен, а тешки услови за гаснење има и кај селото Ќосевица во Македонска Каменица, каде гори борова шума, како и кај селото Ореше во Чашка, каде се шири оган по ниска вегетација и букова шума – рече директорот на ДЗС.
Ангелов откри и дека Словенија и Франција испратиле понуди за испраќање на по 50 пожарникари и специјални возила за интервенции. Владата ќе одлучи како ќе се постапи со овие понуди.
Иако температурите се во опаѓање, условите за настанување пожари сè уште се погодни.
– Граѓаните да бидат исклучително внимателни и да го пријават секое сомнително однесување – порача Ангелов.
Вчера биле регистрирани дури 51 пожар на отворен простор, што директорот на ДЗС го оцени како алармантен податок. Дел од нив, според него, се предизвикани од небрежност, но има и такви за кои постојат индиции и докази дека се намерно подметнати.
– Некои го палат намерно, надевајќи се дека ќе можат да ја исечат изгорената шума. Постојат и патолошки мотиви, пиромани, но тие обично избегнуваат локации блиску до населени места – додаде Ангелов.
Тој уште еднаш апелира до граѓаните да ја исчистат околината на селските куќи и викендици, да ги изораат дворовите и да направат појаси без вегетација за да се спречи ширење на пожарот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
