Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска објави амбициозен план за зајакнување на европската одбранбена индустрија и зголемување на воените капацитети на ЕУ, кој би можел да мобилизира речиси 800 милијарди евра.
Зборувајќи на прес-конференција, Фон дер Лајен најави дека Брисел ќе предложи нови мерки за обезбедување поголем фискален простор за земјите-членки со цел инвестирање во одбраната. Во планот е предвидено и доделување на 150 милијарди евра во заеми за воени инвестиции, како и дополнително ангажирање на приватен капитал.
– Потребно ни е големо зголемување на одбранбениот капацитет, нема сомнеж за тоа. Сакаме траен мир, но траен мир може да се изгради само на сила, а силата започнува со зајакнување на самите себе – истакна Фон дер Лајен.
Таа откри дека до европските лидери веќе испратила писмо во кое детално се образложени петте клучни точки на планот за повторно вооружување на Европа:
Зголемување на јавното финансирање за одбраната – Ако земјите-членки ги зголемат трошоците за одбрана за 1,5% од БДП, тоа би можело да создаде фискален простор од речиси 650 милијарди евра во следните четири години.
Нов инструмент за финансирање – Војните инвестиции би биле поддржани со заеми во висина од 150 милијарди евра.
– Користење на буџетот на ЕУ за одбранбени проекти – Фокусот ќе биде насочен кон заеднички европски проекти за развој на воени технологии и индустриски капацитети.
– Мобилизирање на приватен капитал – Преку Синдикатот за штедење и инвестиции ќе се ангажираат дополнителни финансиски средства.
– Ангажирање на Европската инвестициска банка – Како клучен фактор за привлекување приватни инвестиции во одбранбената индустрија.
Фон дер Лајен подвлече дека ова е историски момент за Европската Унија.
– Ова е клучен момент за Европа и ние мора да го искористиме – нагласи таа, додавајќи дека целта е континентот да стане самостоен во воената индустрија и да ја намали зависноста од надворешни извори на оружје и воени технологии.
Европската комисија ќе продолжи со консултации со земјите-членки за реализација на овој план, кој се очекува да биде една од клучните теми на претстојните самити на Унијата.