Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го одложи спроведувањето на високите царини против неколку десетици земји за три месеци е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија.
Урсула фон дер Лајен изјави дека Европската унија сака конструктивни преговори со САД, со цел да се постигне заемна корисна трговска размена.
Јасните услови се важни за функционирањето на трговијата и синџирот на снабдување. Царините им штетат на бизнисите и на потрошувачите, рече Урсула фон дер Лајен. Според неа, Европа продолжува да се фокусира на диверзификација на своите трговски партнери, ангажирајќи се со земји кои сочинуваат 87 отсто од светската трговија, со посветеност на слободна и отворена размена на стоки, услуги и идеи.
Оваа криза покажа дека во несигурни времиња единствениот пазар е основата на стабилноста и издржливоста, рече Урсула фон дер Лајен, пренесува Ројтерс.