МАГЛА НАМЕСТО ФАКТИ: Кога туристичките лобисти продаваат илузии за охридскиот туризам.Филип Стефаноски од “ДМЦ” го брани неодржливиот модел на експлоатација наместо да ги адресира системските проблеми
Охрид, 17 јули 2025
“Сезоната во Охрид оваа година е добра, и тоа е факт. Бројките од мај покажуваат раст од +16% во однос на минатата година”, тврди Филип Стефаноски, сопственик на туристичката агенција “ДМЦ” Охрид преку пост на социјалната мрежа Фејсбук. Оваа изјава претставува класична лага и манипулација чија цел е очигледно додворување до актуелната партија на власт и нивната теза дека Северна Македонија е лидер во туризмот во Европа.
Дегутантна теза за елитен туризам
Особено дегутантна е тезата на Стеваноски дека проблемот е во тоа што “мнозинството што не се адаптираше на новата реалност сега чувствуваат пад”. Оваа теза е крајно оддалечена од реалноста на еден град кој се трансформираше од индустриски во туристички центар од чиста економска нужда.
Охрид е туристички град и како таков се развива, но не од избор туку од нужда. Некогаш беше поделен помеѓу град на фабрики кои запослуваа илјадници лица. Денес фабриките ги нема, а народот по потрага по егзистенција само се прилагодил на денешните потреби.
Реалноста наспроти елитистичките фантазии
Да, точно е дека постојат екстремно скапи угостителски објекти кои работат, но нивната клиентела не доминира во однос на туристичката клиентела која е мнозинство во Охрид. Тврдењето дека “најдобрите локации секогаш работат” и дека “најскапите ресторани секогаш имаат гости” е типичен пример на елитистички пристап кој ја игнорира реалноста на масовниот туризам.
“Охрид има моќ” – за кого?
“Охрид има моќ. Но само за оние кои знаат што прават”, вели Стефаноски. Да, точно, ама не од луѓе што знаат да прават, туку од луѓе што воопшто не знаат да прават и тоа го прават на криминален начин.
Искрено се надевавме дека сопственик на туристичка агенција нема да се однесува по теркот на Ана Брнабиќ и да продава магла, туку дека во толку години работење во туризмот ќе изнесе факти.
Прашањата што се избегнуваат
Наместо да продава оптимизам, Стефаноски требаше да одговори на клучните прашања:
Зошто нема категоризација на авто кампови цели 30 години? Ова е основно прашање за сериозен развој на туризмот.
Зошто секој како направил објект си клава ѕвезди, небаре соградил ѕвездена галаксија? Како тоа прикачуваат ѕвезди на хотели и апартмани без соодветна категоризација?
Зошто топче сладолед е 200 денари во охридската чаршија, кафе 200 и слично? Поточно, зошто сме поскапи од италијанската Ривиера?
Зошто не се прашува каков туризам сакаме во Охрид и Северна Македонија кога немаме пристапни патишта до туристичките центри?
Зошто во епицентар на туристичка сезона се затвораат цели сообраќајници за потреби на политичари да прават фризури, полираат забчиња и слично?
Системски проблеми наместо козметички оптимизам
Наместо да се фокусира на површински статистики, сериозен туристички професионалец би требало да ги адресира системските проблеми:
Отсуството на категоризација создава хаос на пазарот каде што секој може да се декларира како луксузен објект без да ги исполни соодветните стандарди.
Цените кои се повисоки од развиените европски дестинации, а квалитетот на услугите е далеку под европските стандарди.
Инфраструктурните проблеми кои го прават пристапот до Охрид проблематичен и опасен.
Политичката злоупотреба на туристичкиот сезон за лични потреби на функционерите.
———————————————————————————————————————————-
Изјавите на Стеваноски претставуваат обид за продавање магла наместо соочување со реалните проблеми на охридскиот туризам. Наместо да се фали со селективни статистики, би требало да се фокусира на создавање одржлив модел на развој кој ќе им овозможи на сите учесници во туристичката индустрија, а не само на елитата, да профитираат од туристичкиот потенцијал на градот.
Вистинскиот професионализам се мери со способноста да се идентификуваат и решат проблемите, а не со способноста да се продаде оптимизам кој не се заснова на факти.
Охрид заслужува подобар туризам од оној кој го нудат импровизираните бизнисмени и политички лобисти
Сашо Денесовски -Лично