Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изминатата вечер лично присуствуваше на спроведувањето на засилената сообраќајна контрола на терен, во рамки на Оперативната акција „Безбеден сообраќај“, насочена кон зголемување на безбедноста на патиштата.
Акцијата се одвиваше од 17:00 до 01:00 часот, на територијата на општина Аеродром во Скопје, со акцент на учесници кои управуваат мотоцикли и велосипеди со помошен мотор.
Во текот на осумчасовната контрола, од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје биле санкционирани вкупно 155 учесници во сообраќајот, од кои 51 возач на мотоцикл. Прекршувањата се однесувале на возење без кацига, без соодветна дозвола, управување без положен испит, како и преминување на црвено светло и непочитување на полициски знаци.
– Овие бројки покажуваат колку е сериозен проблемот со несовесно и небезбедно управување, особено кај младите лица кои управуваат мотори, скутери и електрични тротинети. Во таа насока, важно е секој од нас, особено родителите, да биде свесен за одговорноста што ја има во поттикнување на безбедносна култура уште од најрана возраст – изјави министерот Тошковски.
Од МВР информираат дека кај седуммина било констатирано управување мотоцикл без возачка дозвола, 25 лица возеле без заштитна кацига, а тројца немале ни положен испит за управување со мотоцикл. Дополнително, осум лица управувале мотоцикли во несоодветна категорија, а двајца возачи поминале на црвено светло.
Полициските службеници одзеле и два мотоцикли поради истечена важност на сообраќајната дозвола подолга од шест месеци, што претставува тежок прекршок според Законот за безбедност во сообраќајот.
Министерот Тошковски ја нагласи важноста на континуираните и видливи активности на полицијата на терен и порача дека контролите ќе продолжат со засилен интензитет и во наредниот период.
– Апелирам до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со што сите заедно ќе придонесеме за побезбедни патишта – рече Тошковски.