Министерството за транспорт и врски информира дека на 7 јули 2025 година биле спроведени зајакнати контроли на Охридското Езеро, во соработка со Капетанијата на Пристаништа Охрид, Езерската полиција и Полициската станица Охрид. Акцијата, која траела од 14:00 до 20:00 часот, била насочена кон зголемување на безбедноста на внатрешната пловидба.
Во контролата биле опфатени 13 пловни објекти и 13 физички лица. Надлежните утврдиле дури 22 прекршоци според Законот за внатрешна пловидба, за кои е изготвен и поднесен соодветен службен материјал.
Особено загрижувачки е фактот што од 16 алкотестирани лица, кај седум било утврдено присуство на алкохол. Кај двајца од нив, мерењата покажале високи концентрации – од 1,17 и 1,07 промили алкохол во крвта, што претставува сериозен ризик за безбедноста на пловидбата и патниците.
Од Министерството за транспорт апелираат до сите сопственици на пловни објекти да ја завршат навремено регистрацијата, да ги почитуваат прописите за безбедна пловидба и да не управуваат под дејство на алкохол.
„Контролите ќе продолжат и во наредниот период. Безбедноста на езерото е приоритет и нема компромис кога се работи за животите на луѓето“, се наведува во соопштението.