Браќата Галагер, Лијам и Ноел, на крајот на август објавија дека повторно го формираат култниот бенд „Оејзис“ (Oasis), 15 години по нивното разделување и дека ќе одржат серија концерти во Велика Британија и Ирска, што предизвика голема возбуда.
Обожавателите на „Oasis“ изгубија вкупно повеќе од 2 милиони фунти (2,3 милиони евра) поради измамите на социјалните мрежи, особено на Фејсбук, верувајќи дека купувале билети за концерт по повторното обединување на бендот, велат од британската банка „Lloyds“.
„Банката проценува дека најверојатно ќе има најмалку 5.000 жртви во Велика Британија откако билетите биле пуштени во продажба и дека над 2 милиони фунти се изгубени поради измамниците“, се вели во соопштението на банката. Банката ги доби овие податоци врз основа на сопствените клиенти, а овие податоци потоа беа проширени на остатокот од Велика Британија.
Но, хаотичната продажба на билети за концертите во Кардиф, Манчестер, Лондон, Единбург и Даблин, кои се распродадени во ист ден, предизвика гнев и фрустрација кај купувачите. Тие се соочија со прекини на пренатрупани платформи за продажба и динамични, повисоки цени во последен момент.
Потоа, измамите насочени кон разочараните фанови се шират на социјалните мрежи преку лажни реклами, понекогаш нудејќи билети по намалени цени, велат од банката.
„Lloyds“ забележа околу 1.000 жртви меѓу своите клиенти, кои изгубија во просек по 436 фунти. Еден од нив бил измамен за 1.700 фунти. Девет од десет луѓе биле измамени на социјалните рмрежи на „Meta“, од кои повеќето се преку Фејсбук.
„Фактот што толку многу случаи започнуваат со лажни реклами на социјалните мрежи, честопати во спротивност со политиките на платформите, ја нагласува важноста овие компании да преземаат посилни мерки“, рече Лиз Зиглер, директор за спречување измами во „Lloyds“.
Од друга страна, британскиот регулатор за конкуренција, „CMA“, на почетокот на септември отвори истрага против препродавачот на билети „Ticketmaster“ за да испита дали „на клиентите им биле доставени јасни информации“ и дали тие биле „под притисок да купат билети за краток временски период“. Според „CMA“, „Ticketmaster“ продал повеќе од 900.000 билети за концертите на „Oasis“.