Европската Унија го подготвува нови санкции за Русија со вклучување на таканаречената „флота во сенка“ на Русија – мрежа од застарени танкери кои пловат под различни знамиња за транспорт на нафта надвор од западните санкции.
Според нацрт-документот на Европската служба за надворешни работи (EEAS), земјите-членки би биле овластени да ги проверуваат бродовите за кои постои сомневање дека ги кршат санкциите или ја загрозуваат безбедноста на пловидбата.
Според Splash247, предлогот се дискутира на состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, а одлуката би можела да се донесе до крајот на ноември.
Ова е значајна ескалација на европската контрола врз флота од околу илјада танкери, кои, според процените, сочинуваат околу 17% од светската нафтена флота. Од 2023 година, мрежата порасна за речиси 45%, бидејќи Москва се обидуваше да го одржи извозот и покрај ограничувањата на Г7 и европското ембарго.
Покрај тоа што е средство за избегнување на санкциите, „флотата во сенка“ сè повеќе се смета за безбедносен проблем. Таа флота сега брои околу 1.300 пловила, според податоците на анализаторите од Lloyd’s List Intelligence, и се поврзува со големи случаи на излевање нафта и оштетување на клучна подводна инфраструктура.
Брисел предупредува дека многу од овие бродови се несигурни, технички застарени и не се следени од класификациските друштва, што го зголемува ризикот од несреќи и загадување на морето.
Се очекува претстојниот 19-ти пакет санкции на ЕУ да додаде уште околу 160 бродови на црната листа, со што вкупниот број ќе достигне околу 560, и да ја забрза планираната забрана за увоз на руски течен природен гас (LPG) до 1 јануари 2027 година.
Предлогот, исто така, вклучува соработка со големите држави на знаме, како што е Панама, која неодамна вети дека ќе ги дерегистрира санкционираните бродови и ќе одбие да регистрира танкери постари од 15 години.
Францускиот претседател Емануел Макрон на безбедносната конференција во Копенхаген изјави дека „помеѓу 30 и 40% од военото финансирање на Русија доаѓа од „тајни“ танкери“, нагласувајќи дека „нивното запирање е неопходност, а не опција“.
Само една недела претходно, Обединетото Кралство ги воведе своите најстроги санкции досега, директно насочени кон Роснефт и Лукоил и додавајќи 44 руски танкери и седум танкери за течен природен гас на својата листа на санкции.
Анализата на Kpler покажува дека бројот на санкционирани бродови во светот речиси се зголемил петкратно во последните 5 години – од околу 350 во септември 2020 година на 1.700 во септември 2025 година – со зголемена координација меѓу европските и британските власти.




























