Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, е подготвен да испрати британски војници во Украина, доколку е потребно, за да го гарантира мирот по евентуалниот договор.
Во статија, објавена во весникот „Дејли телеграф“, тој нагласува дека ќе испрати војници доколку тоа е неопходно за безбедноста на Велика Британија и на Европа.
– Велика Британија има клучна улога во поддршката за Киев против руската агресија, што значи дека сме подготвени и достапни да придонесеме за безбедносните гаранции на Украина, вклучително и со испраќање наши војници на терен, доколку е потребно. Ова не го велам лесно. Длабоко ја чувствувам одговорноста што ја носи можноста британски војници да бидат ставени во опасност – изјави Стармер.
Но, потенцира тој, „секоја улога во обезбедувањето на безбедноста на Украина е истовремено и заштита на безбедноста на нашиот континент и на нашата земја“.
– Крајот на оваа војна, кога ќе дојде, не смее да биде само привремена пауза пред Путин повторно да нападне – предупреди шефот на британската Влада.
Стармер денеска ќе им се приклучи на лидерите на неколку европски држави во Париз, во момент кога Европа размислува за стратегија како да одговори на инсистирањето на претседателот на САД, Доналд Трамп, за договор со Русија додека постојат стравувања дека САД можат да ги намалат своите одбранбени обврски на континентот.
Стармер истакна дека кризата е една од оние што се случуваат еднаш во генерација и дека поставува егзистенцијално прашање за Европа.
Премиерот на Велика Британија вети дека неговата земја до 2030 година ќе започне да издвојува 3 милијарди фунти годишно за одбрана.
Стармер, исто така, објави дека во наредните денови ќе се сретне со Трамп. Тој додаде дека Велика Британија има уникатна улога во обезбедувањето тесна соработка меѓу Европа и САД.
– Американската поддршка останува од суштинско значење, а американските безбедносни гаранции се клучни за траен мир бидејќи само САД можат да го разуверат Путин да не изврши нов напад – нагласи Стармер.
Германија е спремна да прати војници во Украина
Откако Стармер изјави дека Велика Британија е „подготвена“ да испрати мировни трупи во Украина, пратеникот од демохристијанската партија во германскиот Бундестаг, Јирген Харт, изјави дека Германија најверојатно ќе биде дел од таков план.
– Не сакаме да навлеземе во таа војна. Во меѓународното право постои јасна основа за мировна мисија во Украина која ќе обезбеди прекин на огнот и ќе овозможи мир. Не можам да замислам Германија да не е дел од тој концепт – изјави Харт за Би-Би-Си.
Шведска се вклучи во групата
Се огласи и шведската министерка за надворешни работи, Марија Малмер Стенергард, која рече дека Шведска не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина како дел од „некаков вид повоена мировна мисија“, објави денеска шведскиот јавен сервис.
– Сега првин мораме да преговараме за праведен и за одржлив мир, кој го почитува меѓународното право, кој ја почитува Украина и кој прво и основно гарантира дека Русија не може само да се повлече, да изгради нова сила и да ја нападне Украина или друга земја за само неколку години – изјави Марија Малмер Стенергард во интервју за Шведското радио.
Таа додаде дека „откако ќе се воспостави мир, треба да се осигураме дека може да се одржи и тогаш нашата Влада не исклучува ништо“.