Европската унија во понеделникот воведе нова рунда санкции кон Русија со цел да ги ограничи нејзините воени напори, на третата годишнина од нејзината инвазија на Украина.
„Оваа нова рунда санкции е насочена не само на руската флота во сенка, туку и на оние кои ја поддржуваат работата на небезбедни танкери за нафта, контролори на видеоигри што се користат за летање дронови, банки кои ги заобиколуваат нашите санкции и пропагандни медиуми кои шират лаги“, рече високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, пишува Франс 24.
Таа рече дека ова се најсеопфатните санкции досега, кои ги ослабуваат руските воени напори.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска е во Киев и најави дека Украина во март ќе добие исплата од 3,5 милијарди евра од ЕУ.
Фон дер Лајен рече дека Украина ќе има корист и од плановите на ЕУ за зголемување на европското производство на оружје и одбранбените капацитети.