Европската унија објави дека внимателно го следи случајот на Игор Поповиќ, заменик-директор на Канцеларијата за Косово и Метохија во Владата на Србија, кој беше уапсен од косовските власти.
ЕУ ги повика косовските власти целосно да го почитуваат владеењето на правото и правичната постапка. Во исто време, таа повика и на избегнување изјави и дејствија што се спротивни на нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина.
„Секое лишување од слобода мора да биде оправдано и пропорционално. Само преку дијалог може да се постигне напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина. Треба да се избегнуваат изјави и дејствија што се неконзистентни со оваа цел“, се вели во одговорот на ЕУ за koha.net.
Белград остро реагираше на ова апсење, обвинувајќи ја и меѓународната заедница.
На Поповиќ му беше одреден едномесечен притвор по апсењето на 18 јули. Претходно одржа говор против ОВК во Велика Хоча во близина на Ораховац и го спореди однесувањето на ОВК за време на војната со злосторствата што моментално се извршуваат во Газа.