Скопје – Европската комисија позитивно ја оцени одлуката на македонските власти за привремен прекин на исплатите од ИПАРД програмата, која следуваше по хапсењето на директорот на Платежната агенција и уште неколку лица за земање мито.
Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата – инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој. За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на националните структури, соопшти Министерството за финансии.
Суспензија на неопределено време
Одлуката за суспендирање стапила на сила веднаш, на неопределено време, се до исполнување на одредени услови и акциски планови, изјави поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник Љупчо Николовски на денешна прес-конференција.
Суспензијата опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици.
Директорот фатен со обележани пари
Причината за суспензијата е корупцискиот скандал во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Во акција на Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал беше лишен од слобода в.д. директорот на Агенцијата, Илија Стоилев. Се работи за земање на мито од 5 00000 илјади евра (обележани пари) од апликант за да му се додели договор за финансиска поддршка преку ИПАРД.
Стоилев, кој е председател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе, е назначен за в.д. директор во јули 2024 година од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Покрај него, полицијата приведе уште четири лица, меѓу кои и блиска соработничка на министерот за земјоделство. На четворица им е определен притвор од 30 дена.
Илјадници земјоделци во неизвесност
Николовски предупреди дека илјадници семејства, млади земјоделци и агробизнисмени кои имаат склучено договори, чекаат исплати или подготвуваат проекти за веќе најавените повици, сега се наоѓаат во неизвесност за иднината на нивните вложувања.
“Како човек кој седум години работеше на воспоставување на овој професионален систем, што денеска е суспендиран, ова длабоко ме погодува. Не станува збор само за бројки, туку за илјадници семејства, млади земјоделци, агробизнисмени, за земјоделци коишто имаат склучено договори”, изјави Николовски.
Тој како претседател на Комисијата за земјоделство во Собранието официјално побара детален извештај од Владата, Министерството и Платежната агенција за причините за суспензијата и најави итна тематска седница на Комисијата за да бидат преземени привремени мерки за заштита на земјоделците чијшто проекти се во тек.
Министерот ја негира блокадата!
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски изјави дека Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата и дека државата е решена доследно да ја спроведе борбата против корупцијата. Тој најави дека во краток рок ќе биде назначен нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи без застој.
Николовски, пак, прашува зошто Владата ја криеше оваа одлука од јавноста викендот и дали власта со премолчувањето се обидува да ги заштити вмешаните во корупцискиот скандал.
Македонија беше прва во регионот по искористеност на ИПАРД средствата во претходниот период. Овој скандал ја загрозува претпристапната помош за рурален развој во вкупна вредност од преку 100 милиони евра.
С.Д.




























