Откриена голема кражба на електрична енергија во центарот на Скопје. Хотел со четири ѕвезди на улицата Луј Пастер бил нелегално приклучен на електромрежата, објави Електродистрибуција на социјалните мрежи.
При редовна техничка контрола во станбена зграда која се наоѓа до хотелот, екипите на Електродистрибуција пронашле три нелегални и изгорени кабли, кои поради преголема оптовареност претставувале сериозен ризик од пожар. Каблите веднаш биле исклучени за да се спречи можен инцидент.
„За време на дополнителната контрола, нашите екипи утврдија дека хотелот повторно бил приклучен на еден од нелегалните кабли. Овој чин не само што претставува кражба на електрична енергија, туку создава и огромна опасност за животите и имотот на граѓаните“, објавија од Електродистрибуција на својата официјална страница на социјалните мрежи.
Од таму додаваат дека нивните техничари биле попречени при извршувањето на службената должност, кога се обиделе да влезат во хотелскиот објект.
Случајот е целосно документиран и против сопственикот е поднесена кривична пријава до Министерството за внатрешни работи за нелегално приклучување на мрежа и предизвикување општа опасност од пожар.
„Нашите екипи пронајдоа три нелегални и изгорени кабли кои претставуваа директна опасност од пожар. При дополнителна контрола утврдивме дека хотелот повторно бил приклучен на еден од нив. Случајот е пријавен во МВР и бараме одговорност. Безбедноста на граѓаните е наш приоритет“, информираат од Електродистрибуција.
Ова не е првпат да се открие кражба на електрична енергија во угостителски објекти, но овој случај го привлекол вниманието на јавноста поради тоа што станува збор за хотел во центарот на Скопје и потенцијална опасност за голем број граѓани и гости.
 
							 
								 
			

 


 
                               















 
		 
		 
		 
		 
		







 
		 
		 
		 
		